Епидемијата на новиот тип коронавирус Ковид-19 во последните 24 часа одзеде 655 животи, со што од последиците предизвикани од новиот тип коронавирус досега во оваа земја починаа 4.089 лица, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерството за здравство на Шпанија ги ажурираше податоците поврзани со заразените и смртните случаи предизвикани од Ковид-19.
Во последните 24 часа се детектирани нови 655 смртни случаи. Според тоа, досега во Шпанија од последиците предизвикани од новиот тип коронавирус починаа 4.089 лица и со тоа Шпанија стана втора земја во светот според бројот на смртни случаи.
Во последните 24 часа се детектирани нови 8.578 случаи на заразени лица со новиот тип коронавирус, со што вкупниот број на заразени во Шпанија изнесува 56.188 лица. Бројката од 8.578 заразени е највисока стапка на детектирани лица досега.
Во последните 24 часа како излекувани од болница се отпуштени 7.015 лица, а од новиот тип коронавирус во Шпанија се лекуваат 49.173.
Од нив 31.912 се лекуваат во болница, додека преостанатите се лекуваат во домашен карантин.
Според шпанското Министерство за здравство, најпогодена од епидемијата на новиот тип коронавирус е автономната област на главниот град Мадрид, каде што досега починаа вкупно 2.090 лица, од кои 265 само во последните 24 часа. Бројот на заразени од Ковид-19 во последните 24 часа изнесува 2.569, со што во областа Мадрид досега се детектирани вкупно 17.166 лица заразени со новиот тип коронавирус.
- „Во Мадрид всушност има преку 50.000 заразени“
Министерот за здравство на Автономната Област Мадрид, Енрике Руис Ескудеро, изјави дека во Мадрид „всушност има над 50.000“ лица заразени со новиот тип коронавирус.
Ескудеро во својата изјава вели: „Иако не е направен тест кај голем број болни, знаеме дека тие се носители на Ковид-19. Нашите здравствени центри преку телефон ги следат болните кои се во карантин во сопствените домови.“
- Тврдења дека „тестовите од Кина не работат добро“
Шпанскиот печат тврди дека тестовите за Ковид-19 што Владата ги зела од Кина не работат, додавајќи дека стапката на чувствителност, која според лабораториите за микробиологија треба да биде над 80 %, кај овие комплети за тестирање не е поголема од 30 %.
Медиумите тврдат дека голем број болни кои на тестовите излегле негативни, всушност се носители на новиот тип коронавирус.
Медиумите истакнуваат дека недостатоците во здравствените центри, незаштитениот медицински персонал, максималната исполнетост на капацитетите во болниците и проблемот што тестовите за дијагностицирање не се на посакуваното ниво претставуваат проблеми кои ја отежнуваат борбата против пандемијата на новиот тип коронавирус.
Иако шпанскиот Парламент поради борбата против пандемијата на Ковид-19 ја продолжи вонредната состојба во земјата до 11 април, се очекува ваквата состојба да продолжи до многу подоцнежен датум.