Nazlı Yüzbaşıoğlu
19 Мај 2020•Ажурирај: 20 Мај 2020
АНКАРА
Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу изјави дека Советот за безбедност на ОН (СБОН) е неефикасен во борбата против глобалната пандемија на Ковид-19, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Советот за безбедност на ОН е неефикасен во борбата против Ковид-19. Поминаа месеци од избивањето на пандемијата, а Советот за безбедност сѐ уште не донесе никаква одлука за тоа“, изјави Чавушоглу во обраќањето на видео-конференцијата под назив „Дигитална дипломатија“, одржана во рамките на Дипломатскиот форум во Анталија.
На конференцијатаа, меѓу останатите, учествуваа и министерот за надворешни работи на Финска, Пека Хависто, швајцарскиот министер за надворешни работи, Игназио Касис и заменичката генерален секретар на ОН, Розмари Ди Карло.
Чавушоглу истакна дека пандемијата на Ковид-19 со голема брзина животите на луѓето уште повеќе ги пренасочи кон ерата на дигитализација и дека многумина биле речиси неподготвени во новонастанатите околности.
Тој истакна исто така дека пандемијата значително ги отежнала и напорите кои се преземаат во светот со цел решавање на вооружените судири.
„Сега ни е потребно повеќе посредување отколку претходно, бидејќи пандемијата ни донесе многу повеќе предизвици. Пандемијата значително ги искомплицира постоечките напори со цел постигнување на мирни решенија за судирите“, изјави турскиот шеф на дипломатија.