АНКАРА (АА) - Додека светскиот туризам е во затишје, и се водат дискусии за првите можни мерки за укинување на ограничувањата, здравјето и хигиената ќе играат клучна улога при изборот на дестинација за одмор, пишува Агенција Анадолија (АА).
Ограничувањата за патувања поради Ковид-19 сè уште се на сила во сите дестинации низ светот. Поголемиот дел од дестинациите целосно го запреа меѓународниот туризам, а некои спроведоа и полициски час.
Зависно од времето на воведените ограничувања, траењето на ограничувањата за патувања и затворањето на границите, Светската туристичка организација (UNWTO) предвидува дека меѓународниот туризам во 2020 година во однос на претходната ќе се намали за 58 - 78 отсто, предизвикувајќи загуба од 910 милијарди долари до 1,2 билиони долари приход од туризмот.
Бидејќи туризмот е еден од секторите на економијата кој вклучува голем број работници, предвидено е кризата со коронавирусот да стави во опасност 100 - 120 милиони работни места во директниот туризам.
Туристичкиот сектор влезе во тежок период со неизвесноста во однос на одредувањето на здравствените прописи за негово нормализирање и начините на нивната примена покрај откажувањата за резервациите, менаџирањето со персоналот и финансиското реструктуирање.
Туризмот, кој ќе го допре дното во мај, се очекува да забележи знаци на закрепнување до последниот квартал на 2020 година со постепеното отворање на меѓународните граници и олеснувањето на ограничувањата за патувања.
Се очекува домашната побарувачка да закрепне побрзо од меѓународната, а туристичкиот сектор да заживее во 2021 година.
- Социјално дистанцирање -
Улф Сонтаг, раководител за истражување на пазарот при Институтот за истражување на туризмот во Северна Европа (NIT), рече дека меѓудржавното отворање на границите, како и домашната мобилност, и правилата за социјално дистанцирање се на агендата на состаноците во овој сектор.
„Сè зависи од политичарите и од правилата што се имплементираат и на домашниот пазар, но и на дестинациите.“
Тој потенцира дека побарувачката веројатно нема да биде проблем. „Секогаш ќе има доволно Германци кои се желни за патување; кои се доволно храбри да патуваат.“
Сонтаг истакна дека туристичкиот пазар во Скандинавија и Велика Британија се очекува да се отвори по Германија.
„Прашањето е кои ќе бидат правилата? Како надлежните ќе ги спроведуваат регулативите што ќе ги имаме од здравствена страна?“, рече тој.
Истакнувајќи дека прашањата ќе бидат разјаснети во следните неколку недели, Сонтаг рече: „Ќе имаме барем основа за тоа како да ги испланираме летните одмори во јули, август и септември, ќе има барем некаков вид меѓународен туризам во Европа.“
Тој предвиде дека сите соби во хотелите нема да бидат достапни за резервации, додавајќи дека е оптимист во врска со решенијата за регулативите за тоа колку лица ќе можат да бидат на плажите или во рестораните.
- Промена на однесувањето на консументите -
Сонтаг посочи на тоа дека однесувањето на консументите исто така ќе се промени при одлучувањето за нивниот одмор, како на пример, приклонувањето кон поорганизирани одмори.
„Тур операторите, особено малите, како и малите туристички агенции, се во најголема опасност од брзо банкротирање и да излезат од пазарот“, рече тој.
„Но, од страната на побарувачката, постои шанса да има поголема доверба кон професионалците кога станува збор за патувањата“, додаде Сонтаг.
И покрај тоа што не очекува промена долгорочно во меѓународниот туризам, Сонтаг предвидува дека градскиот туризам и крстарењата ќе имаат проблеми со примената на можните мерки.
„Особено крстарењата, во моментот има голем број резервации за 2021 година. Затоа, сметам дека крстарењата ќе се вратат“, рече тој.
Сонтаг истакна дека клиентите ќе дадат поголема вредност на туризмот, а не само да купат некое евтино патување.
„Ние како клиенти размислуваме за причините зошто патуваме, зошто сакаме да патуваме, што сакаме да добиеме од едно патување, што најмногу сакаме за нас самите во иднина“, рече тој.
Сонтаг изјави дека загриженоста за здравјето на клиентите консументи ќе биде пресудна.
„Значи, ќе бараме повеќе информации за тоа каква е ситуацијата со хигиената, за дезинфицирањето, само за да се осигуриме дека нема да се заразиме со Ковид-19, а и со друга болест. Значи, свесноста е поголема во тој правец“, заклучи тој.
news_share_descriptionsubscription_contact
