Hakan Çopur
17 Мај 2020•Ажурирај: 18 Мај 2020
ВАШИНГТОН (АА) - Американската администрација упати порака со осуда до Меѓународниот кривичен суд (МКС) за преземањето чекори за истрагата на израелските воени злосторства, тврдејќи дека тоа е „незаконски“, јавува Агенција Анадолија (АА).
Шефот на американскиот Стејт департмент, Мајк Помпео, преку пишана изјава ја осуди иницијативата на главната обвинителка на Судот, Фату Бенсуда, започната кон крајот на април.
Помпео наведе дека е неприфатливо барањето на обвинителката Бенсуда според кое Судот има надлежност над подрачјето на Источен Ерусалим, Газа и Западниот Брег.
Помпео рече дека Соединетите Aмерикански Држави (САД) „не веруваат дека Палестинците се квалификуваат како суверена држава“.
„Овој чекор на Меѓународниот кривичен суд е незаконски и со овој чекор Судот уште еднаш докажа дека станува збор за политичка институција“, порача Помпео.
Заговарајќи дека Палестина треба да се смета како „страна“ во овој случај, обвинителката Бенсуда побара од Судот на 30 април да ја спроведе својата надлежност во Источен Ерусалим, Газа и Западниот Брег.
Бенсуда кон крајот на минатата година изјави дека сака да започне истрага против Израел за воените злосторства извршени на палестинска територија.
Тогаш наведе дека е завршена прелиминарната истрага за ситуацијата во Палестина започната во 2015 година, и порача дека е убедена дека постојат разумни причини за продолжување на истрагата.
Со оглед на тоа што Израел не е земја членка на Меѓународниот кривичен суд, Бенсуда побара од судиите да ја одредат географската рамка на истрагата, со цел таа да продолжи.
Таа побара и потврда за територијата над која Судот може да ја спроведува својата надлежност и која може да биде предмет на истрага опфаќајќи ги Западниот Брег, како и Источен Ерусалим и Газа.