Alaattin Doğru
02 Ноември 2020•Ажурирај: 03 Ноември 2020
ПАРИЗ (АА) - Последниве денови во Франција, каде што на дневно ниво се регистрираат приближно 50.000 случаи на заразеност со новиот тип коронавирус (Ковид-19), зголемен е бројот на расистички пораки на социјалните мрежи, како и на физички напади на улиците врз Азијците, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според вестите објавени во весникот „Ле Паризиен“ (Le Parisien), особено откако беше воведен полицискиот час на 30 октомври, на Твитер се споделени пораки „напад врз сите Кинези“ и „Хитлер требаше да ги убива Кинезите наместо Евреите“.
Канцеларијата на Обвинителството во Париз по смртните закани и навреди објавени на социјалните мрежи отвори истрага под обвинение за „расистичка јавна провокација против физичкиот интегритет на лице“.
Покрај тоа, некои луѓе со азиско потекло на улиците се изложени на физичко насилство, при што биле плукани и удирани со шлаканици.
Триесет и седумгодишна наставничка од азиско потекло била изложена на физичко насилство и навреда од еден пар.
Жената успеала да се спаси од напаѓачите повикувајќи полиција.
Кевин, тинејџер од азиско потекло, бил нападнат од две лица на негова возраст. Напаѓачите, кои го навредувале Кевин, го нападнале прскајќи го со солзавец.
Сан-Леј Тан, извидник од групата „Безбедност за сите“ (Safety for All), која е формирана од 46 азиски здруженија во областа Чајнатаун во 13-от регион на Париз, каде што претежно живеат Азијци, изјави дека злосторствата од омраза кон Азијците се зголемени особено од средата вечерта.
Сан-Леј рече дека не само во Париз, туку и во многу други градови, вклучувајќи ги и Обервилие, Пантин, Ла Курнев, Бобињи, Кретеј, Витри, луѓето од азиско потекло биле плукани, им биле удирани шлаканици, а луѓе во метроата избегнувале да седат до нив.
„Се чувствуваме сами и напуштени од властите“, додаде Сан-Леј.