Dilan Pamuk,Gözde Bayar
21 Октомври 2021•Ажурирај: 22 Октомври 2021
АНКАРА (АА) - Турција администрира над 114,6 милиони дози вакцини против Ковид-19 откако започна кампањата за имунизација во јануари, покажуваат официјалните податоци објавени синоќа.
„Над 55 милиони луѓе ја примиле првата доза од вакцините против коронавирусот, додека околу 47,7 милиони се целосно вакцинирани“, соопшти турското Министерство за здравство.
Турција, исто така, има аплицирано и трета доза од вакцините на над 10,9 милиони луѓе.
Министерството, според последните податоци, регистрира 29.760 нови случаи на вирусот и 214 смртни случаи, како и 28.803 оздравени пациенти.
Направени се околу 361.350 тестирања за коронавирусот.
Турскиот министер за здравство, Фахретин Коџа, истакна дека скоро половина од случаите со Ковид-19 се лица под 30 години, додека поголемиот дел од смртните случаи се кај постарите лица и пациентите на одделите за интензивна нега во земјата.
Потенцирајќи го значењето на вакцинацијата во борбата против пандемијата, Коџа уште еднаш ги повика граѓаните за целосно вакцинирање.
„Вакцините без целосна вакцинација даваат многу ограничена заштита [против коронавирусот]“, рече турскиот министер. „Ширењето продолжува, без разлика колку напор вложуваме, особено ако не е постигнат колективниот имунитет.“
Во врска со турската вакцина Турковак, Коџа даде уверување за нејзината сигурност, велејќи дека секоја фаза од нејзиниот развој е оценета од независни научници.
Тој ги повика оние кои примиле две дози од инактивните вакцини да се пријават за примање на Турковак за да го поддржат нејзиниот развој.
Во август, Турција ја прошири возраста за вакцинација и ги вклучи и младите луѓе од 15 години и постари, и децата над 12 години со хронични заболувања.