Servet Günerigök
30 Март 2020•Ажурирај: 30 Март 2020
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека стапката на смртност во Соединетите Американски Држави (САД) од новиот вид коронавирус најверојатно ќе го достигне врвот за две недели, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Моделирањето проценува дека врвот на стапката на смртност најверојатно ќе биде за две недели“, истакна Трамп на прес-конференцијата во Белата куќа. „Од таа точка треба да започне да се спушта, се надевам, значително.“
Трамп рече дека САД ја продолжуваат мерката за социјално дистанцирање до 30 април за да го спречат ширењето на коронавирусот, официјално познат како Ковид-19, менувајќи го својот став за повторно отворање на земјата за бизнис за велигденските празници на 12 април.
„Ништо не би било полошо од прогласување победа пред добивање на војната. Тоа би била најголемата загуба“, рече тој на прес-конференцијата.
„Ќе бидеме добро на нашиот пат кон закрепнување до 1 јуни“, рече тој. „Ќе се случуваат многу големи нешта.“
Заклучно со синоќа, најмалку 2.460 луѓе починаа во САД, а бројот на заразени се искачи на 140.886 со околу 2.661 излекуван пациент, покажуваат податоците на Универзитетот „Џонс Хопкинс“.
Иако САД имаат повеќе случаи на коронавирус од која било друга земја во светот, Италија има најмногу смртни случаи, 10.779.
Податоците на Универзитетот во Мериленд покажуваат дека вкупниот број заразени во светот се искачил на 722.728, со над 34.000 смртни случаи. Повеќе од 159.000 луѓе се излекувале.
Откако првпат се појави во кинескиот град Вухан во декември, вирусот се прошири во 177 земји и региони.