Servet Günerigök
05 Април 2020•Ажурирај: 05 Април 2020
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот претседател, Доналд Трамп, изјави дека во земјата ќе има голем број смртни случаи следната недела како резултат на глобалната пандемија на коронавирусот, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Ова најверојатно ќе биде најтешката недела помеѓу оваа и следната недела. Ќе има многу смрт, за жал, но многу помалку доколку ова што е сторено досега не се преземеше“, рече тој на прес-конференцијата на работната група за Ковид-19 во Белата куќа.
Неговите забелешки уследија откако бројот на починати во земјата се приближи до 8.200, а дијагностицираните случаи близу 305.000. Досега во САД од вирусот се излекуваа над 14.500 луѓе.
Лекарката што го води тимот за коронавирусот во Белата куќа, Дебора Биркс, претстави модел за потенцијалниот број на смртни случаи од вирусот во САД.
Моделот покажа дека меѓу 100.000 и 240.000 лица би можеле да починат ако САД ги следат упатствата за социјално дистанцирање и за јавно здравје. Без никаква интервенција, моделот предвидува 1,5 до 2 милиони смртни случаи.
Според податоците на Универзитетот „Џонс Хопкинс“, Соединетите Американски Држави (САД) се земја со најголем број потврдени случаи со коронавирус во светот, а потоа следуваат Шпанија и Италија со 124.700, односно 124.600.
Ковид-19 за првпат се појави во декември 2019 година во градот Вухан, во кинеската покраина Хубеи, и се рашири во речиси 200 земји.
Во светот има над 1,2 милиони потврдени случаи со коронавирусот и над 64.500 починати. Од вирусот досега во светот се излекуваа над 249.000 луѓе.