Andrew John Roesgen
23 Декември 2021•Ажурирај: 24 Декември 2021
ЧИКАГО (АА) - Американските здравствени регулатори ја одобрија таблетата за третирање на симптомите на коронавирусот во домашни услови за оние кои ќе се разболат, која најверојатно ќе ги држи надвор од болниците, јавува Агенција Анадолија (АА).
Таблетата „паксловид“ од „Фајзер“ добива одлични критики за нејзината способност да ги третира најсериозните аспекти на Ковид-19, со околу 90 проценти ефикасност, а исто така има ограничени нус-појави. Сите останати третмани бараат инјекции или интравенозна терапија.
Агенцијата за храна и лекови (ФДА) ја одобри „паксловид“ за лицата од 12 години и постари, врз основа на истражувањето на „Фајзер“ со повеќе од 2.000 тестирани пациенти. Резултатите покажаа дека таблетата го намалува ризикот од хоспитализација и смртност за 89 проценти, кога се дава на пациенти со благи до умерени симптоми.
Но, постојат предизвици. Лекот е достапен само со рецепт откако пациентот ќе добие позитивен тест за вирусот и е најефикасен кога се дава во рок од пет дена од манифестирање на симптомите.
Пациентите кои се заразуваат со вирусот можат да не забележат доволно рано дека имаат симптоми. Оние кои не им веруваат на вакцините, можно е да не сакаат да го земат лекот од еден од производителите на вакцини.
Лекот ќе биде тешко да се најде. САД ќе ги рационализираат пратките во оние области на земјата кои се најмногу погодени од Ковид-19.
„Фајзер“ соопшти дека се потребни околу девет месеци да се произведе овој лек, но очекува да го намали времето на производство за половина време во следната година. Оттаму рекоа дека планираат да достават 80 милиони дози од лекот и до други земји, исто така.
Од ФДА се очекува да одобри уште еден лек за лекување на Ковид-19 во домашни услови од „Мерк“, а од „Мерк“ и „Фајзер“ се очекува да понудат заштита против омикрон-варијантата, која е сега доминантен сој на Ковид-19.
Иако досега е пријавен само еден смртен случај од овој сој во САД, болниците во некои американски сојузни држави се преоптоварени, особено на Средниот Запад, со тоа што САД во просек дневно бележат околу 140.000 новозаразени.