Fuat Kabakcı
01 Април 2021•Ажурирај: 02 Април 2021
ЖЕНЕВА
Генералната директорка на Светската трговска организација (СЗО), Нгози Окоњо-Ивеала, ги повика компаниите кои се занимаваат со производство на вакцина против коронавирусот, вакцините да ги направат достапни за сите или да соработуваат со земјите во развој, кога станува збор за производство, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Окоњо-Ивеала во разговор за „Би-би-си“ потсети на договорот за соработка на фармацевтската компанија „АстраЗенека“ и Институтот за серуми во Индија. Таа смета дека во земјите во развој постојат неискористени капацитети.
Таа наведе дека е неприфатливо компаниите кои произведуваат вакцини против Ковид-19, сиромашните земји да ги оставаат на крајот на редот. Поради тоа, смета таа, потребно е споменатите компании да ги направат вакцините достапни на сите или доброволно да ги пренесат технологиите во земјите во развој.
Таа додаде дека и останатите компании можат да го следат договорот кој го направија „АстраЗенека“ и Индија.
„„Нововакс“, „Џонсон и Џонсон“ и сите останати компании би требало да ја направат истата работа“, вели Окоњо-Ивеала.
Податоците објавени на „Ourworldindata“, интернет-страницата на која се достапни информации за бројот на вакцинираните против Ковид-19, покажуваат дека досега во светот се дадени повеќе од 577,9 милиони дози вакцина. Земјите со најмногу вакцинирани се САД, Кина и Индија.