Stipe Majic
01 Април 2021•Ажурирај: 02 Април 2021
ЗАГРЕБ
Според одлуката на хрватското Министерство за внатрешни работи, лицата од трети земји, меѓу кои спаѓаат и земјите од регионот, кои го прележале Ковид-19, ќе можат да влезат во Република Хрватска со лекарска потврда, јавува Агенција Анадолија (АА).
Лицата што прележале Ковид-19 во последните шест месеци ослободени се од обврската за тестирање и самоизолација при влез во Република Хрватска.
„Како доказ дека прележале Ковид-19 патниците треба да имаат позитивен ПЦР или брз антигенски тест - BAT, постар од 11 дена, но не постар од 180 дена од моментот на земање на примерокот или уверение за прележан Ковид-19 издадено од лекар“, наведува хрватското МВР.
„Лицата што пред повеќе од 14 дена ја примиле вакцината (на „Џонсон и Џонсон“, една и единствена доза) против Ковид-19 која се применува во земјите членки на Европската Унија ослободени се од обврската за тестирање и самоизолација“, се вели во образложението на МВР на Хрватска.
Децата помали од 7 години што патуваат во придружба на своите родители/старатели се ослободени од обврската за приложување негативен резултат на тест или самоизолација доколку родителите/старателите имаат негативен ПЦР или брз антигенски тест - BAT, односно поседуваат уверение за вакцинација или прележан Ковид-19. МВР на Хрватска на сите странски патници, независно од нивното државјанство, поради скратената процедура на граничните премини, им советува претходно да ја пополнат најавата преку апликацијата „Enter Croatia“.