Ekipa
11 Август 2022•Ажурирај: 12 Август 2022
АНКАРА (АА) - Северна Кореја прогласи победа над Ковид-19 и ги укина сите рестрикции низ земјата, објавија државните медиуми денеска, пренесува Агенција Анадолија (АА).
За време на состанокот на високо ниво во Пјонгјанг, лидерот Ким Јонг-Ун објави дека ги олеснува ограничувањата и потврди дека неговата земја го „победила“ вирусот.
„Ким свечено прогласи победа во антиепидемската кампања за истребување на новиот коронавирус кој навлезе на нашата територија“, објави Корејската централна новинска агенција.
Ким, исто така, ја пофали јавноста и персоналот поради нивните напори и успешното „победување“ на вирусот.
Официјалните медиуми не дадоа детали за вкупниот број на заразени и смртни случаи откако земјата го пријави првиот случај на вирусот овој април.
Сепак, на состанокот беше кажано дека 4,7 милиони луѓе закрепнале, со смртна стапка од 0,0016 проценти.
Зборувајќи на настанот, Ким Јо-Јонг, сестрата на лидерот на Северна Кореја, рече дека нејзиниот брат, исто така се заразил со вирусот во текот на пандемијата.
Таа повторно тврдеше дека Јужна Кореја го „испратила“ вирусот во Северна Кореја и предупреди на одмазда.
Го нарече тоа „неетичко злосторство“ и рече дека Сеул ќе се соочи со последици.
„Веќе разгледавме различни планови за спротивставување, но нашата противмерка мора да биде смртоносна одмазда“, рече таа.
„Ако непријателот продолжи со такви опасни дела како што е поттикнување на навлегувањето на вирусот во нашата Република, ние ќе одговориме на тоа не само со истребување на вирусот туку ќе ги „збришеме“ јужнокорејските власти“, рече таа.