свет

Франција: Од вторникот изгореа 6.000 хектари шума, евакуирани се 10.000 луѓе

Околу 1.000 пожарникари го гасат пожарот со поддршка од авиони. Според францускиот министер за внатрешни работи, Жералд Дарманин, Италија и Шведска исто така ќе пратат авиони за гасење на пожарите.

11.08.2022 - Обновена : 15.08.2022
Франција: Од вторникот изгореа 6.000 хектари шума, евакуирани се 10.000 луѓе

ПАРИЗ (АА) - Франција се бори со пожар кој неверојатно брзо се шири, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Имено, на југозападот на Франција беснее пожар од големи размери кој во јули уништи илјадници хектари шума, а повторно се разгоре поради големата суша и најновиот топлотен бран.

„Пожарот во Ландирас може да се опише како мегапожар. Тоа е чудовиште“, рече Григори Алион од Француската противпожарна асоцијација, опишувајќи го пожарот кој беснее во Ландирас во департманот Жирон близу Бордо.

Од вторникот попладне изгореа дополнителни 6.000 хектари борова шума, додека 10.000 луѓе се евакуирани, од кои некои мораа да се качат на крововите на своите домови пред пожарот.

Пожарот е исклучително насилен и се шири побрзо од оној во јули, а се прошири и на југ во Ланде, каде што се наоѓа регионалниот парк „Ланде де Гаскоњ“, заштитено подрачје на борова шума, мочуришта и брегот на Атлантскиот Океан.

Околу 1.000 пожарникари го гасат пожарот со поддршка на авиони. Според францускиот министер за внатрешни работи, Жералд Дарманин, Италија и Шведска исто така ќе пратат авиони за гасење на пожарите.

„Истражителите се сомневаат дека пожарот е намерно подметнат, бидејќи во средата, околу осум и девет часот во кругот од неколку стотини метри избиле осум пожари“, рече министерот, нарекувајќи го тоа „исклучително необично“.

Јулскиот пожар во паркот „Ланде де Гаскоњ“ е најголемиот од неколку пожари оваа година во југозападниот дел на Франција, погоден со рекордна суша и низа топлотни бранови.

Кон средината на јули голем пожар во паркот го зафати подрачјето Ландирас, околу 40 километри јужно од Бордо и подрачјето Тест-де-Буш во туристичката општина Аркашо. Тогаш изгореа вкупно 20.800 хектари шума, а евакуирани беа повеќе од 36.000 луѓе.

„Пожарот на подрачјето Ландирас, кој уништи 14.000 хектари шума, никогаш не е во целост изгаснат и сѐ уште го контролираат пожарникарите. Повторно се разгоре во вторникот попладне поради екстремните горештини и суша“, објавија денеска властите.

Оваа година во Франција вкупно изгореа повеќе од 57.200 хектари земјиште, што е шестпати повеќе од годишниот просек за периодот од 2006 до 2021 година.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın