Emre Aşıkçı
28 Март 2020•Ажурирај: 30 Март 2020
ЛОНДОН (АА) - Фудбалерот на Челси, Калум Хадсон-Одои (19), целосно закрепна од коронавирусот, потврди менаџерот на Челси, Френк Лампард, пренесува Агенција Анадолија (AA).
„Разговарав со Калум и прекрасно е да се слушне дека целосно е оздравен. Разговарав со него во текот на целата прва недела кога дозна дека е болен и тоа беа навистина чудни моменти“, истакна Лампард за веб-страницата на клубот.
Тој додаде дека е многу среќен што Калум ја победил болеста.
„За среќа, немаше многу проблеми и ние сме среќни што успешно помина низ сето ова“, рече менаџерот на Челси.
Младиот крилен напаѓач на Челси беше првиот фудбалер заразен со коронавирус во Англија, а веста дека е позитивен беше објавена само неколку часа по сличната вест за тренерот на Арсенал, Микеле Артета.