Ali Cura
27 Мај 2020•Ажурирај: 27 Мај 2020
МОСКВА
Во Русија во изминатите 24 часа се потврдени 8.338 нови случаи на заразување со Ковид-19, со што вкупниот број на заразени се зголеми на 370.680, јавува Агенција Анадолија (АА).
Од рускиот Центар за контрола и превенција од Ковид-19 е соопштено дека во истиот период починале 161 лице и дека вкупниот број на починати е зголемен на 3.968.
Во соопштението се наведува дека во текот на изминатиот ден се излекувани 11.079 лица кај кои претходно е дијагностициран Ковид-19, со што вкупниот број на излекувани достигна 142.208.
Се истакнува дека кај 40,8 отсто од случаите станува збор за асимптоматски пациенти.
Епицентарот на коронавирусот во Русија е Москва, каде што се забележани 2.140 нови случаи на заразување, што е најмал број на новозаразени од 23 април.
Вкупниот број на заразени во Москва се зголеми на 171.443, додека вкупниот број на починати изнесува 2.183.
Руската служба за заштита на јавното здравје изјави дека во изминатите 24 часа се извршени 255.000 тестирања и дека од почетокот на пандемијата во Русија се тестирани повеќе од 9,4 милиони примероци.
Во соопштението се наведува дека околу 296.000 луѓе се наоѓаат под здравствен надзор и се истакнува дека Москва е подготвена за првата, па дури и за втората фаза на попуштање на мерките воведени со цел спречување на ширењето на Ковид-19.
Првата фаза подразбира дозвола за тренирање на отворено и отворање на помалите продавници, додека во втората фаза ќе бидат дозволени семејни прошетки и отворање на поголемите продавници.
Во третата фаза е планирано отворање на училиштата, хотелите, кафулињата и рестораните под услов да се почитуваат правилата на социјална дистанца.
Прес-центарот на Меѓународниот аеродром „Внуково“ сооопшти дека започнало постепено ублажување на мерките на аеродромот, како и продажба на карти.
Првиот случај на заразување со Ковид-19 во Русија е потврден на 31 јануари, додека на 19 март е забележан првиот смртен случај предизвикан од тој вирус.
Коронавирусот претходно е потврден и кај некои високопозиционирани руски официјални претставници, меѓу кои се наоѓаат и портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, и премиерот Михаил Мишустин.