Ekip
26 Март 2022•Ажурирај: 28 Март 2022
БРИСЕЛ (АА) - Лидерите на Европската Унија не успеаја да се договорат за начинот на решавање на растот од цената на енергијата и покрај маратонските разговори на вториот ден од самитот на ЕУ во Брисел, главниот град на Белгија, известува Агенција Анадолија (АА).
„Разговаравме за прашањата поврзани со енергетиката“, изјави за новинарите Шарл Мишел, претседателот на Европскиот совет, по самитот, додавајќи дека лидерите на ЕУ „работеле цел ден со цел да покажат единство и одлучност“.
Урсула фон дер Лајен, претседателката на Европската комисија, исто така потврди дека учесниците на самитот разгледале „различни опции за ублажување на влијанието на високите цени на енергијата за потрошувачите и претпријатијата“.
Таа рече дека од суштинско значење е да се позанимаваат со „главните причинители на високите цени на електричната енергија и нестабилната цена на гасот“.
Фон дер Лајен нагласи дека и покрај разликите во енергетските мерки во земјите на ЕУ, „мораме да работиме заедно за да ја покажеме нашата сила и затоа се залагам за силен европски пристап“.
Претседателката на Европската комисија, Лајен, истакна и дека ЕУ ќе продолжи да ѝ дава помош и поддршка на Украина.
На првиот ден од самитот, челниците на ЕУ разговараа за ситуацијата во Украина, а во дел од дискусиите се вклучи и американскиот претседател Џо Бајден.
„ЕУ ќе ја засили поддршката за Украина, ќе ги заостри санкциите кон Русија и ќе се ослободи од руските фосилни горива“, нагласи претседателката на Европската комисија по самитот.
Лидерите на ЕУ се согласија и за формирање украински фонд на солидарност за поддршка на Украина за обнова на земјата.