Ali Cura
11 Мај 2020•Ажурирај: 11 Мај 2020
МОСКВА (АА) – Русија, каде што бројката на случаи со новиот вид коронавирус, Ковид-19, достигна 221.344, се искачи на 3. место во светот, оставајќи ги зад себе Италија и Велика Британија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според изјавата дадена од Центарот за контрола и превенција на инфекциите од коронавирусот во Русија, бројот на случаи достигна 221.344, со зголемување од 11.656 во последните 24 часа.
Во земјата веќе една недела во тек на 24 часа се регистрираат над 10.000 случаи со Ковид-19.
Во изминатите 24 часа регистрирани се 94 смртни случаи од коронавирусот, со што вкупната бројка на починати во земјата е зголемена на 2.009. Од друга страна, излекувани се 5.495 пациенти, со што вкупната бројка на излекувани достигна 39.801.
Со последните бројки, Русија стана трета земја во светот по бројот на случаи со Ковид-19, по САД и Шпанија.
Во соопштението се наведува дека 46,5 отсто новозаразени не покажуваат симптоми, и дека просекот на растот на бројот на заразени изнесува 5,6 отсто.
Жариштето на Ковид-19 во Русија е главниот град Москва, каде што бројот на заразени се зголеми за 6.169 во последните 24 часа, со што вкупната бројка се искачи на 115.909.
Во градот излекувани се вкупно 17.822 лица.
Во Русија првиот случај со Ковид-19 беше регистриран на 31 јануари кај двајца кинески државјани во регионите Тјумењ и Трансбајкал, јужно од Сибир.
Првиот смртен случај од Ковид-19 се случи на 19 март, кога почина 79-годишна жена во Москва.
Општина Москва донесе одлука да ги продолжи сите мерки преземени поради Ковид-19 до 31 мај.
Од друга страна, во Москва од 12 мај на индустриските и градежните претпријатија ќе им биде дозволено да започнат со работа.
Ковид-19 беше дијагностициран кај рускиот премиер Михаил Мишустин, министерот за градежништво Владимир Јакушев, министерката за култура Олга Љубимова и кај некои пратеници во рускиот Парламент.