Hakan Ceyhan Aydoğan
12 Мај 2017•Ажурирај: 12 Мај 2017
СОЧИ (АА) - Претседателот на Русија, Владимир Путин, по состанокот со палестинскиот претседател Махмуд Абаз во Сочи, истакна дека ја поддржува идејата за дводржавно решение за Палестина и Израел, јавува Anadolu Agency (AA).
Тој нагласи дека дводржавното решение е услов за стабилност и безбедност во целиот регион, додавајќи дека израелско-палестинското прашање може да се реши само со политичко решение врз основа на меѓународното право.
„ Затоа, го нагласуваме и значењето на поддршката на билатералните односи како и избегнување на еднострани постапки. Русија ќе продолжи со поддршката за повторно да започне директен дијалог помеѓу Израел и Палестина”, им рече Путин на новинарите.
Абас изјави дека за време на состанокот го запознал претседателот Путин со напорите на Израел во економска смисла да ја загуши Палестина, како и со последните активности на таа земја со цел продолжување на експанзионистичката политика.
Тој нагласи дека таквите активности значително ја намалуваат шансата да бидат решени постоечките проблеми и да се постигне мир во регионот.
Тој подвлече дека Палестинците сакаат сеопфатно, праведно и трајно решение втемелено на меѓународното право, додавајќи дека се подготвени да ја разгледаат секоја идеја која би послужила за остварување на оваа цел.
Тој потсети дека и за време на состанокот со Доналд Трамп минатата недела во Белата куќа, на американскиот лидер му порачал дека Палестина е подготвена за соработка со САД за да биде постигнат историски договор со кој ќе завршат судирите помеѓу Израел и Палестина.