Mustafa Melih Ahıshalı
12 Април 2020•Ажурирај: 12 Април 2020
ИСТАНБУЛ (АА) - Иранскиот претседател Хасан Рохани рече дека неговата земја е во подобра состојба од европските земји во борбата против новиот вид коронавирус, Ковид-19, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според иранската државна телевизија, претседателот Рохани, на седницата на Советот за национална борба против коронавирусот, одржана во главниот град Техеран, се осврнал на епидемијата.
„Ние сме во подобра позиција од европските земји во борбата против коронавирусот. Има големи разлики меѓу нас. Според бројот на случаи, нашата стапка на смртност е 7 отсто, во некои европски земји оваа стапка е околу 22 отсто, дури и повисока“, нагласи Рохани.
Истакнувајќи пофалба за здравствените работници во неговата земја, Рохани рече: „Во Европа има еден вирус, додека во Иран има два вируси. Едниот е коронавирусот, а другиот се економските санкции.“
- Пуштени се 1,6 милијарда долари -
Изјавувајќи дека напорите да се донесат 1,6 милијарда долари кои се чуваа во банките во Луксембург со инструкции на Соединетите Американски Држави (САД), вродиле со плод, Рохани истакна: „Американците се многу сурови кон нас. Бараме кредит, нѐ спречуваат. И тие имаат проблеми со вирусот. И покрај тоа што знаат за нашата ситуација, секој ден го зголемуваат притисокот. Ова е нечовечко однесување, ќе влезе во нивната историја.“
Ковид-19 во Иран за првпат беше забележан на 19 февруари во градот Ком, а потоа се рашири низ целата земја.
До вчера, бројот на смтни случаи предизвикани од коронавирусот во Иран достигна 4.357, а бројот на заболени, 70.029.