Ekipa
09 Мај 2020•Ажурирај: 10 Мај 2020
ОВИЕДО (АА) - Над половина од населението на Шпанија се подготвува за олеснатите рестриктивни мерки со падот на бројот на смртни случаи од Ковид-19, кој во изминатите 24 часа изнесуваше 179, јавува Агенција Анадолија (АА).
Бројот на починати и новозаразени е намален според вчерашните податоци и далеку под највисоките бројки од пред еден месец.
Во целина, Шпанија, која е една од најтешко погодените земји во светот од вирусот Ковид-19, има скоро 26.500 смртни случаи и 223.500 дијагностицирани случаи со вирусот. Од овие потврдени случаи, повеќе од половина - 122.265 - се хоспитализирани, а речиси 134.000 закрепнаа од вирусот.
Во Шпанија од 14 март беа воведени строги мерки за изолација, а сега многу делови од земјата се подготвуваат за олеснувањето на ограничувањата, кое треба да стапи на сила во понеделник.
Најголем дел од регионалните влади соопштија дека се подготвени да го преземат следниот чекор кон „ново нормализирање“, но централната власт отфрли неколку петиции.
„Мадрид, Валенсија, Барселона, Гранада и Малага ќе останат под сегашните рестриктивни мерки најмалку уште една недела“, објави синоќа шпанскиот министер за здравство.
„Ние не се согласуваме со одлуката на Министерството за здравство. Оправдавме зошто целиот регион треба да премине во следната фаза. Бараме нашиот случај да се ревидира што е можно поскоро“, порача преку Твитер, Ксимо Пуиг, претседателот на регионот Валенсија.
Во другата половина од земјата, која ги исполни неопходните здравствени и епидемиолошки критериуми за олеснати мерки на претпазливост, во понеделник за првпат по два месеца ќе се отворат малите продавници, баровите на отворено и терасите на рестораните. Исто така, ќе биде дозволено собирање во групи до 10 лица.
Поцелосни детали за тоа кои ограничувања ќе бидат укинати ќе бидат објавени овој викенд.
„Од исклучителна важност е да ја зајакнеме одговорноста и претпазливоста. Секоја грешка што ќе ја правиме може да значи ново ширење и зголемен ризик за нашето здравје и нашите животи“, напиша на Твитер Адријан Барбон, претседателот на Астурија, еден од северните региони на Шпанија, каде што ќе се овозможи целосно преминување во следната фаза од понеделник.
Откако за првпат се појави во Кина минатиот декември, вирусот се прошири во најмалку 187 земји и региони. Европа и САД во моментов се најтешко погодени региони во светот.
Пандемијата досега ги зеде животите на над 275.000 лица низ светот, повеќе од 4 милиони се заразени, додека битката со вирусот ја добија 1,33 милиони луѓе во светот.