Faruk Zorlu
09 Мај 2020•Ажурирај: 09 Мај 2020
АНКАРА (АА) - Бројот на смртни случаи од коронавирусот во Иран се искачи на 6.589 лица со уште 48 починати во изминатите 24 часа, јавија денес државните медиуми, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Во текот на изминатото деноноќие, 1.529 лица се дијагностицирани со Ковид-19, зголемувајќи го вкупниот број заразени на 106.220“, објави иранската државна телевизија, пренесувајќи го соопштението на Министерството за здравство.
Во соопштението се вели дека досега оздравеле 85.064 пациенти, додека 2.696 пациенти се во критична состојба.
Според Министерството, во земјата спроведени се вкупно 573.220 тестирања за Ковид-19.
Во Иран, една од најмногу погодените земји од Блискиот Исток, вирусот најпрвин беше откриен во градот Ком на 19 февруари, а потоа се рашири низ целата земја.
Владата одлучи да не наметне состојба на целосна изолација во земјата, како во другите земји, туку ги затвори образовните установи и забрани културни, верски и спортски собири.
Од 11 април, властите во фази дозволија повторно отворање на деловните субјекти кои носат низок ризик за ширење на вирусот.
Владата, исто така, одлучи да ги отвори џамиите во подрачјата со низок ризик, додека училиштата во овие подрачја треба да продолжат со работата на 16 мај.
Откако за првпат се појави во Кина минатиот декември, вирусот се прошири во најмалку 187 земји и региони. Европа и САД во моментов се најтешко погодени региони во светот.
Пандемијата досега ги зеде животите на над 275.000 лица низ светот, повеќе од 3,95 милиони се заразени, додека битката со вирусот ја добија 1,33 милиони луѓе во светот, покажуваат податоците на американскиот Универзитет „Џонс Хопкинс“.