Elena Teslova
01 Мај 2020•Ажурирај: 02 Мај 2020
МОСКВА
Во Русија денеска 7.933 нови лица се позитивни на тестирањето за коронавирусот, со што трет ден по ред е регистриран рекорден број на новозаболени од Ковид-19, јавува Агенција Анадолија (АА).
Вкупниот број на пациенти од Ковид-19 се искачи на 114.431, додека повеќе од 211.000 лица се под медицински надзор, според податоците објавени од тимот за итни случаи.
Во текот на изминатите 24 часа починаа 96 лица, при што бројот на починати се зголеми на 1.169, додека бројот на излекувани се искачи на 13.220.
Русија неодамна го зголеми бројот на тестирања со надеж дека ќе ги дијагностицира пациентите во рана фаза и досега спроведе повеќе од 3,71 милион тестови.
Рускиот премиер Михаил Мишустин вчера изјави дека е позитивен на Ковид-19 и дека ќе се самоизолира сѐ додека не се излекува.
Ковид-19 се прошири во 200 земји и региони, откако за првпат беше забележан во кинескиот град Вухан минатата година. Во моментов САД и Европа се епицентри на заразата.
Пандемијата во светот досега зеде над 233.000 животи, бројот на дијагностицирани случаи со вирусот надмина 3,2 милиони, додека повеќе од еден милион заболени оздравеа, покажуваат податоците на Универзитетот „Џонс Хопкинс“ во САД.