Islam Uddin
25 Ноември 2020•Ажурирај: 25 Ноември 2020
АНКАРА (АА) - Кинеската компанија „Синофарм“ објави дека побарала официјално одобрување од властите за изнесување на нејзината вакцина против Ковид-19 на пазарот, соопштија државните медиуми, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Заменик генералниот директор на „Синофарм“, Ши Шенги, истакна дека компанијата собрала податоци од поголемите земји што спроведуваат клинички испитувања на нејзината вакцина и дека се очекуваат поволни резултати“, објави „Глобал тајмс“.
Претходно, компанијата соопшти дека ги доставила клиничките податоци за третата фаза до Кинеската државна управа за храна и лекови и дека е во процес на обезбедување подетални податоци.
Компанијата соопшти дека е во завршната фаза пред претставувањето на вакцината на пазарот и дека сега нејзиното одобрување е најголем приоритет.
Се очекува компанијата да ги објави податоците од третата фаза од испитувањата на нејзината вакцина по одобрувањето од Владата.
„Нашите податоци ги оценуваат релевантни оддели, следејќи ги протоколите кои се уште построги отколку во некои западни земји, ние сме во блиска комуникација и со СЗО“, нагласи претставникот на компанијата.
Минатиот месец, Кина соопшти дека нејзините експериментални вакцини за заштита од Ковид-19 не покажале никаква неповолна реакција.
Според кинеските власти, земјата има 13 кандидати за вакцини кои влегуваат во клинички испитувања, меѓу кои четири се во трета фаза од испитувањата.
Над 100 вакцини против коронавирусот се во различни фази на нивно развивање. Американскиот производител на лекови „Фајзер“ и германската биотехнолошка компанија „БајоНТек“ минатата недела соопштија дека нивната вакцина против коронавирусот е 95% ефикасна, зголемувајќи ја претходната проценка за ефикасност од 90%.
Нивната објава дојде неколку дена откако американската компанија за лекови „Модерна“ соопшти дека нивната вакцина има ефикасност од 94,5%.