Riyaz Khaliq Khaliq
13 Август 2021•Ажурирај: 16 Август 2021
ПЕКИНГ
Кина денеска ги отфрли повиците на Светската здравствена организација (СЗО) да ја обнови истрагата за потекло на коронавирусот, велејќи дека таа не е заснована на научните докази собрани во првата фаза, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Последните денови повторно расте притисокот на официјален Пекинг да изврши нова истрага за почетоците на пандемијата која беше причина за смрт на повеќе од 4 милиони луѓе и влијаеше на економијата низ светот.
Заменик-кинескиот министер за надворешни работи, Ма Џаосју, на брифингот во Пекинг, пред 31 претставник и амбасадор од 29 земји изјави дека неговата земја ја поддржува новата фаза на истражување, но без политизација.
„Кина ја поддржува работата на следната фаза на истражување, но секогаш ја отфрла политизацијата на ова прашање, а идната работа би требало да ја водат СЗО и нејзините членки“, изјави Ма, пренесе кинескиот дневен весник „Глобал тајмс“.
СЗО минатиот месец предложи втора фаза на истражување за потеклото на коронавирусот, вклучувајќи ја инспекцијата на лабораториите во Вухан, каде што во декември 2019 година се пријавени првите случаи на вирусот.
Тимот на меѓународни експерти на СЗО допатува во Вухан во јануари 2021 годинава за да го состави извештајот за настанувањето на коронавирусот, а кој е напишан заедно со кинеските колеги. Тие потоа не успеаја да најдат конечен став за тоа како настанал вирусот.
„Како вирусот влегол на пазарот уште не се знае. Домаќинот сѐ уште не е идентификуван“, изјави Петер Бен Ембарек, членот на тимот на СЗО, кој патувал во Вухан.
Заменик-министерот за надворешни работи на Кина на брифингот додаде дека повеќе од 70 земји испратиле писма или изјави на СЗО во знак на поддршка на заедничкиот извештај на организацијата и Кина, спротивставувајќи се на политизацијата на работата на барање потекло, додека повеќе од 30 земји јасно изразија спротивставување или резервирано мислење.