Riyaz Ul Khaliq
28 Јануари 2021•Ажурирај: 29 Јануари 2021
АНКАРА (АА) - Тимот на меѓународни експерти од Светската здравствена организација (СЗО) во Кина денеска заврши со 14-дневниот карантин кој беше задолжителен, јавува Агенција Анадолија (АА).
Тимот, заедно со колегите од Кина, сега е подготвен да започне истрага за потеклото на коронавирусот во Вухан, главниот град на централната кинеска покраина Хубеи, каде што беа пријавени првите случаи на вирусот во декември 2019 година.
Портпаролот на Министерството за надворешни работи на Кина, Џао Лиџијан, исто така потврди дека периодот на карантин е завршен.
„Тимот на СЗО кој го истражува потеклото на коронавирусот денеска го заврши карантинот во Вухан и ќе продолжи со размена и соработка во Кина, вклучувајќи семинари, посети, истраги и други активности“, изјави Лиџијан на прес-конференцијата во Пекинг, по што беше цитиран од кинескиот дневен весник „Глобал тајмс“.
Уште еден член на тимот, Марион Купманс, со сертификат за негативен тест во рака, напиша на Твитер: „Нова фаза, нови приоритети. Преминување на следното ниво на следење на здравјето по карантинот, кое стапи на сила неодамна. Се надеваме дека ќе почувствуваме мирис на свеж воздух!“
Тимот пристигна во Кина на почетокот од овој месец.
Во Кина од декември 2019 година се потврдени 89.326 случаи на Ковид-19, вклучувајќи 4.636 смртни случаи од последиците на вирусот.
Неодамна во Кина е забележано локално ширење на вирусот. Во средата во земјата беа пријавени 54 нови случаи, 41 случај пренесени локално од покраините Хејлунгѓанг и Џилин.