Riyaz Khaliq
16 Март 2020•Ажурирај: 16 Март 2020
АНКАРА (АА) - Кинеските власти соопштија дека вчера од смртоносниот коронавирус починале уште 14 лица, додека истиот ден биле пријавени 16 нови случаи, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Националната здравствена комисија на Кина соопшти дека бројот на починати достигнал 3.213, додека бројот на заразени од вирусот познат како Ковид-19 достигна 80.860“, објави новинската агенција „Синхуа“.
Според Светската здравствена организација, која прогласи пандемија, бројот на смртни случаи на светско ниво се искачи на речиси 5.800, а бројот на заразени, на 153.648.
Кинеските здравствени претставници нагласија дека сите смртни случаи биле регистрирани во покраината Хубеи - епицентарот на вирусот, што се појави во декември.
Корејските центри за контрола и превенција на болести во Јужна Кореја соопштија дека земјата има забавување на појавата на нови случаи.
„Во земјата беа заразени вкупно 8.236 лица, вклучувајќи 74 нови случаи регистрирани вчера“, соопштија денеска здравствените власти.
Досега, во Јужна Кореја од коронавирусот починаа 76 лица.
Официјални претставници на Министерството за здравство на Јапонија соопштија дека бројот на заразени лица во земјата достигнал 1.500, меѓу кои и околу 700 случаи кои се наоѓаа на крузерот „Дајмонд принцес“.
Официјални лица пронајдоа и 15 групи луѓе заразени од вирусот во Јапонија, со потврден број на починати 22 лица.
Поради економските последици од епидемијата беше свикан итен состанок на Банката на Јапонија, на кој се дискутираше за чекорите за олеснување на бизнис-активностите.