Ekip
08 Јуни 2020•Ажурирај: 09 Јуни 2020
РИМ
Во Италија денес се потврдени 65 нови смртни случаи од последиците на Ковид-19, со што вкупниот број се зголеми на 33.964. Во исто време итлијанската Влада се подготвува за разговори со претставниците на синдикатите и опозициските странки за преиспитување на предлозите за ублажување на последиците на економијата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Трендот на успорување во однос на смртните случаи забележан минатиот месец е продолжен и во првата недела од јуни, со што е потврдено дека врвот на епидемијата во Италија поминал.
Ломбардија е и понатаму епицентар на вирусот, а во него се потврдени 194 од 280 нови случаи на Ковид-19 во целата земја. До сега во Италија имаше 235.278 позитивни тестови на Ковид-19, од кои моментално се активни 34.730, што е пад од 532 во последните 24 часа.
Податоците на Цивилната заштита на Италија покажуваат дека досега се излекувале вкупно 166.584 лица. Од 34.730 активни случаи, 29.718 се лица кои се во самоизолација, 4.729 се наоѓаат во болница со симптоми, додека 283 се на интензивна нега.
До сега се направени 4.263.647 тестови, што е за 27.122 повеќе во однос на претходниот ден.
Владата сега се обидува да се фокусира на економската криза предизвикана од пандемијата и да изработи долгорочен план кој би можел да ги реши долгогодишните проблеми на Италија. Со таа цел, премиерот Џузепе Конте свика состанок со сите опозициски партии, синдикати и деловни луѓе.
На состанокот, кој е предвидено да трае неколку дена, би требало да се разгледаат предлозите кои ќе се фокусираат на четири главни прашања: дигитализација на земјата, повторно покренување на националната инфраструктура, проширување на брзиот железнички сообраќај и мерките за јакнење на инвестициите.
Се очекува дека италијанската економија ќе падне за 8,3 отсто во 2020 година, објави денес Државната агенција за статистика.