РИМ
Откако Европа стана епицентар на епидемијата на новиот тип коронавирус Ковид-19, и Италија, како земја со најголем број заразени и смртни случаи на Стариот Континент се наоѓа во целосен карантин, премиерот на Италија, Џузепе Конте, информираше дека засега нема потреба од нови рестриктивни мерки во земјата, потенцирајќи дека е потребно да се почитуваат постоечките правила, јавува Агенција Анадолијај (АА).
Во Италија бројот на лица кај кои е детектиран Ковид-19 достигна бројка од 35.713, додека од овој вирус починаа 2.978 лица. Италијанскиот весник „Кориере дела сера“ („Corriere della Sera“) објави интервју со премиерот Конте, во кое тој повика на здрав разум и одговорност.
Премиерот Конте истакна дека рестриктивните мерки функционираат, но бројките ќе почнат да опаѓаат откако бројот на заразени и починати од епидемијата ќе го достигне својот врв, истакнувајќи дека веднаш потоа животот нема да може да се врати во нормала.
Конте во интервјуто вели: „Треба да дејствуваме со високо ниво на свест. Строго ќе бидат казнети оние што ќе ги прекршат правилата. Им се придружувам на градоначалниците кои ги затворија парковите и градините. Отворените простори не треба да се претворат во собиралиште на народот. Засега нема нови рестриктивни мерки, но доколку не се почитуваат забраните, ќе мораме да дејствуваме.“
Италијанската министерка за внатрешни работи, Лучијана Ламоргезе, во интервјуто за весникот „Ла Република“ („La Repubblica“) вели дека земјата минува низ критични денови и ги повика сите да се однесуваат одговорно.
Ламоргезе во интервјуто вели дека секој треба да се надгледува себеси и да ги почитува утврдените правила и забрани, потенцирајќи дека во спротивно ќе бидат принудени да воведат построги забрани.
Од друга страна, според резултатите на анализата објавена од весникот „Ла Република“ („La Repubblica“), вонредната состојба во земјата поради вирусот Ковид-19 ги оставила настрана сите политички поделби. Според анкетата, поддршката на премиерот Џузепе Конте и Владата се искачила на ниво од 71 %, коишто застанале зад Владата.
Во меѓувреме, во истиот весник е објавена друга вест, во која се информира дека принудниот одмор до 3 април, на кој се наоѓаат учениците во училиштата и универзитетите, би можел да биде продолжен.
Се дознава дека поради вонредната состојба во која се наоѓа земјата во последните 4 недели поради коронавирусот, голем број воени камиони уште од раните утрински часови влегле во градот Бергамо за да ги земат телата на починатите. Станува збор за подрачје во кое последните денови се забележува најголемиот број на заразени и починати.
Според веста објавена во медиумите, се дознава дека воените возила зеле околу 60 тела со цел да бидат погребани или да бидат однесени во крематориумите на други градови.
Во меѓувреме, по првата тура помош, што минатата недела пристигна во Рим, синоќа во северниот дел на Милано пристигна и втората тура помош од Кина.
Во последниот пакет помош од Кина се наоѓаат 400.000 маски кои се итно потребни за областа Ломбардија и 5.000 медицински заштитни костуми, респираторни апарати, ракавици и заштитни очила.
news_share_descriptionsubscription_contact
