Husamedin Gina
19 Март 2020•Ажурирај: 20 Март 2020
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за економија на Република Северна Македонија, Крешник Бектеши, рече дека нема простор за никаква паника и дека има доволно залихи и храна за сите, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерот за економија на Северна Македонија, Крешник Бектеши, министерката за финансии, Нина Ангеловска, директорот на Царинската управа, Ѓоко Танасовски, и директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски, денеска одржаа работен состанок со претставници од прехранбениот сектор за мерките што ги донесе Владата за поддршка на бизнисот за справување со последиците од вирусот Ковид-19.
Веднаш по состанокот одржаа заедничка прес-конференција.
Истакнувајќи дека сите производствени капацитети се подготвени, министерот Бектеши рече дека за наредните неколку месеци има залихи и дека нема простор за никаква паника.
„Јас сакам да ги уверам преку вас сите граѓани дека ние работиме напорно, нема простор за никаква паника, има залихи, има доволно храна за сите, но треба, секако, да бидат внимателни и да ги зачуваме нашите семејства, нашите другари, се со цел да ја поминеме оваа криза, сите заеднички на најдобар можен начин“, нагласи Бектеши.
Наведувајќи ги мерките на Владата, министерката за финансии, Нина Ангеловска, истакна дека сите поголеми компании, првично од угостителската, транспортната и туристичката дејност, и сите други дејности кои се погодени од мерките на владата во следните 3 месеци ќе бидат ослободени од плаќање на аконтација од данокот на добивка.
Втората мерка, како што рече министерката, е субвенционирање на 50 проценти од придонесите за сите погодени компании, а третата мерка ќе биде бескаматните кредити, со цел да се заштити ликвидноста и работните места.
„Мерка која што е многу важна, која беше доста коментирана, а имаше и делумни нејаснотии, тоа е предлогот за одлагање на долговите, односно ратите, и за граѓаните и за погодените компании“, рече Ангеловска, додавајќи дека дали тоа ќе се нарече мораториум, замрзнување или одлагање ќе се донесе одлука на денешниот состанок на Комитетот за финансиска стабилност, по проценките за ризици од Централната банка.
Таа исто така нагласи дека Министерството за финансии ќе направи сè што може данокот на додадена вредност да се враќа што побрзо кон фирмите со цел да се заштити и да се подобри нивната ликвидност.
Директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски, наведувајќи дека вчера трговците, а денес и производителите, ветиле дека нема да ги зголемуваат цените на основните артикли, нагласи дека единствено паника треба да имаат тие што мислат да профитираат од тоа и дека ќе бидат таргет на контролите на Државниот пазарен инспекторат.
Од друга страна, директорот на Царинската управа, Ѓоко Танасовски, на прес-конференцијата потврди дека капацитетите на Северна Македонија се на располагање и дека ќе овозможат максимален проток на стока, која што преставува главен проблем за компаниите.