свет, Коронавирус

Индија ја започна најмасовната вакцинација против Ковид-19 во светот

Со имунизацијата треба да се опфатат над 300.000 работници само во првиот ден и над 30 милиони до крајот на првата фаза, во вкупно 3.006 центри за вакцинација низ целата земја

Ekipa  | 16.01.2021 - Обновена : 17.01.2021
Индија ја започна најмасовната вакцинација против Ковид-19 во светот Фото; Imtiyaz Shaikh/АА

ЊУ ДЕЛХИ (АА) - Премиерот на Индија денес го означи почетокот на најголемата вакцинација против коронавирусот во светот, јавува Агенција Анадолија (АА).

Со имунизацијата треба да се опфатат над 300.000 работници само во првиот ден и над 30 милиони до крајот на првата фаза, во вкупно 3.006 центри за вакцинација низ целата земја.

„Ние му дадовме пример на светот во многу чекори [...] Таква акција за вакцинација во толку масивни размери никогаш не била спроведена во историјата. Има над 100 земји со помалку од 30 милиони жители, а Индија спроведува вакцинација на олку многу луѓе само во првата фаза“, рече премиерот Нарендра Моди.

Обраќајќи се преку видеолинк по повод почетокот на вакцинацијата, Моди нагласи дека вакцинирањето нема да предизвика занемарување на останатите мерки на претпазливост против вирусот, меѓу кои се носењето маска и социјалното дистанцирање.

„Две дози од вакцината против коронавирусот се апсолутно неопходни. Не правете грешка со непримање на втората доза. Две недели по втората доза, ќе развиете моќ за борба против коронавирусот. Исто како што останавте трпеливи за време на борбата против Ковид-19, вие мора да покажете иста трпеливост и при вакцинацијата“, истакна тој.

Онлајн платформата „Co-WIN“ беше развиена од Министерството за здравство и семејна благосостојба на јужноазиската држава, со цел да обезбеди информации во реално време за залихите со вакцини, температурите на складирање и листата на корисници.

„Оваа програма за вакцинација се заснова на принципите на приоритетни групи што треба да се вакцинираат и здравствените работници, во државниот и во приватниот сектор [...] ќе ја примат вакцината во текот на оваа фаза“, се вели во соопштението од Министерството.

Вакцинацијата започна откако минатата недела индиското регулаторно тело за лекови даде зелено светло за две вакцини против коронавирусот за „ограничена употреба во итни ситуации“.

Регулаторот за лекови во Индија одобри две вакцини - едната развиена од „АстраЗенека“ заедно со Универзитетот „Оксфорд“ и произведена од Институтот за серуми во Индија, Ковишилд, и другата, Коваксин, развиена од индиската компанија „Бхарат биотек“, во соработка со Индискиот совет за медицински истражувања.

- 30 милиони во првата фаза -

Додека Моди ја отвораше иницијативата за вакцинација утрово, низ земјата започна вакцинацијата.

Во главниот град Њу Делхи, неколку високи здравствени претставници беа меѓу првите што ја примија првата доза.

„Бев под опсервација 25-30 минути по вакцинирањето. Но, сè помина добро и јас сум добро“, изјави здравствен работник од северна Индија за индиска телевизија откако ја прими првата доза.

За време на својот говор, Моди рече дека 30 милиони луѓе ќе бидат вакцинирани во првата фаза, додавајќи дека оваа бројка ќе треба да се зголеми на 300 милиони во втората фаза на вакцинирање, кога ќе бидат имунизирани старите лица и лицата со сериозни коморбидитети.

Во Њу Делхи, официјалните претставници соопштија дека вакцинацијата започнала на 81 локација и дека првиот ден ќе се вакцинираат 8.100 лица.

Вкупниот број на досега заразени лица со Ковид-19 во Индија се искачи на 10.542.841, вклучувајќи ги и 15.158 новозаразени во изминатите 24 часа. Се излекуваа 10.179.715 лица. Билансот на починати од вирусот достигна 152.093.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın