БОГОТА (АА) - ДИЕГО КАМИЛО КАРАНЗА ХИМЕНЕЗ -
Регионот на Амазон веќе неколку недели е во фокусот на вниманието поради пандемијата на Ковид-19, пишува Агенција Анадолија (АА).
Голем процент од автохтоното население во басенот на Амазон искусува сериозни здравствени потешкотии во справувањето со вирусот.
Но, не се сите вести обесхрабрувачки. Во услови на вонредна здравствена состојба на светско ниво, некои луѓе го користат своето знаење за да преземат нешто и да им помогнат на останатите, да им ги олеснат последиците од вирусот.
Бети Александра Соуза Мозомбит, медицинска сестра која потекнува од кланот Тигре на етничката група Тикуна Јои, со своето 16-годишно искуство во справување со здравствените проблеми, тргна низ Амазон за да им помогне на домородните заедници кои се погодени од вирусот.
„Во ова време на пандемија, работевме со што поголем број заедници и здруженија што можеме, испраќајќи ја пораката за тоа како можеме да ја лечиме болеста“, рече Соуза, која исто така е и застапник за човекови права на домородните заедници во Амазонија.
Соуза за Агенција Анадолија (АА) раскажа дека мора да патува до 23 километри со мотоцикл или автобус и да пешачи пет или шест километри по тесна патека низ џунглата, од нејзиниот дом во Летиција, за да ги посети оддалечените домови кои немаат одредена храна.
Многупати таа оди сама, а понекогаш ја придружуваат колешки медицински сестри и други жени од здружението, кои помагаат во делењето заштитни маски.
Тешката состојба е уште посложена бидејќи болницата во Летиција нема средства за лекување на заедницата, ниту за работа и заштита на персоналот.
„Живееме во рурално подрачје. Во заедницата немаме ништо, нема амбуланта, апсолутно ништо. Единствената блиска болница што ја имаме е таа во Летиција, која има недостаток на многу нешта, како за третирање на пациентите, така и заштита на самиот медицински персонал“, рече таа, објаснувајќи дека жителите претпочитаат да останат дома и да прибегнат кон лекување со свои средства.
„Со оглед на тоа што немаат средства за да нѐ лекуваат, зошто да одиме во болница? Затоа, едноставно мораме да прибегнеме кон примена на сето ова, со цел да ги заштитиме нашите животи“, рече таа.
Соуза досега третирала 55 пациенти, девет лица во критична состојба, а телефонски ја следела состојбата на над 20 пациенти.
- Комбинација на знаењето на автохтоното население и конвенционалната медицина -
Соуза учела за медицинска сестра во Институтот „Сан Хуан Батиста“ во Палмар де Варела, град во Атлантико, во северна Колумбија, каде што живеела девет години откако ја напуштила домородната заедница по преземањето на заедницата Санта Софија од страна на герилците во јануари 1993 година.
„Студирав она што белците го нарекуваат „медицинска сестра“. Таму научив многу за Западот“, рече таа, но набрзо потоа гордо одговори дека нејзините корени се во традиционалната медицина.
„Јас потекнувам од семејство на исцелители со стари домородни лекови, семејство на хербалисти. Татко ми беше шаман во заедницата. Работеше многу со растенија и сè што е поврзано со предците“, рече таа.
Нејзиниот татко се грижел за целото семејство користејќи ја природната медицина и Соуза е горда што нејзините предци ѝ го дале тоа знаење. „Откако почина татко ми, тој духовно ми го предаде тоа место… иако духовите на моите предци од сите територии ме хранат со знаење.“
Соуза се присетува на сонот што нејзиниот брат го сонил неколку дена пред да стигне пандемијата во Амазон, во кој таа била опкружена со нејзините родители и баби и дедовци кои се починати.
Тој мислел дека нешто ќе ѝ се случи на Соуза.
Парадоксално или случајно, Соуза се разболела меѓу јануари и февруари и доживеала симптоми слични на вирусот Ковид-19, вклучувајќи респираторен дистрес, болки во грлото, треска и болка во градниот кош.
„Болеста, која ме доведе до кревет, ми даде можност да ја разберам. Му се јавив на сопругот, му реков да стават вода да зоврие, да ми наберат одредени растенија и да ми ги донесат. Правев инхалации.“
Таа почнала да се чувствува подобро и испробала и други третмани, како што се пиење чаеви и правење купки со тутун од џунглата и цитронска вербена, кои служат како антибиотик и имаат антиинфламаторно дејство. Но останала непријатноста во белите дробови, нешто што ќе го реши подоцна откако дознава дека кај луѓето што починале од Ковид-19 во Италија нашле тромбови низ нивните тела.
„Тогаш, сфатив благодарение на тоа, дека имав Ковид-19 и си реков: Она што ми пречеше во белите дробови се мали тромбови, како еден вид остатоци што остануваат внатре.“
„Што помага за нивно разложување? Па, аспирин, она што го знаеме најдобро, што е лек, но исто така и ѓумбир и лук, кои служат како прочистувачи“, рече таа.
Во зависност од сериозноста на симптомите, се разликува и количината и честината на користењето на растенијата и спрејовите, како и употребата на други лекови, како што е напроксен.
На пример, кај полесните случаи би било доволно користењето само на напроксен, парна купка и многу чај. За други, препораката е чај од билки и три аспирина. Но, за потешките случаи започнуваме со „три спрејови, три аспирини три дена, а потоа по еден аспирин 14 дена, што е повеќе или помалку периодот што вирусот е присутен во организмот“, рече таа.
Соуза вели дека иако Амазон има многу ендемични растенија, и во останатите земји има растенија кои имаат антибиотски и антиинфламаторни својства.
„Јас препорачувам горчливи растенија, како што се Petiveria alliacea, глуварчето, седефчето, кои имаат улога како антибиотик, додека антиинфламаторни својства имаат ербалуиза, лисја од портокал, слез, лисја на памук... ги има бесконечно многу“, вели таа.
„Не можеме да игнорираме дека нашата сестра природа и нашата Мајка Земја ни ги имаат дадено овие растенија за наша благосостојба, за консумирање, за да бидеме поздрави во овој свет“, рече Соуза.
- Итни барања од Амазон -
Бидејќи првиот случај на Ковид-19 во регионот беше регистриран на 26 април, Соуза тврди дека многу луѓе почнале да умираат. „Многу браќа од домородните заедници умреа и така го започнаа стравот од целосно непознатата болест, поради која сите почнаа да се плашат едни од други“, рече таа.
Оттогаш започнале со лекување на вирусот со лековити медицински растенија, по што смртноста во заедниците се намалила.
Соуза до надлежните упати и две итни барања со цел ублажување на кризата.
Прво, таа побара од колумбиската Влада да интервенира во здравствените центри кои „се во мизерна состојба; кои корупцијата ги уништи, и за време на пандемијата се покажаа нивните недостатоци“.
Таа, исто така, побара и консолидирање на здравствениот систем на домородните заедници. „Сакаме поголема поддршка“, порача.
Од друга страна, таа ги повика луѓето да ја остават настрана „дискриминацијата на медицинскиот персонал и лицата кои се позитивни на вирусот“.
Соуза побара од Владата да изведе обдукции врз жртвите од коронавирусот за да даде поточен одговор, да го разбере вирусот за да спаси повеќе животи.