Dildar Baykan
13 Јануари 2017•Ажурирај: 14 Јануари 2017
АНКАРА (АА) - Компанијата за онлајн купување „Amazon.com“ ѝ се извини на Индија поради тоа што со нејзино посредство во Канада некој продавал бришач за чевли со индиското знаме. Извинувањето на оваа компанија следуваше по острата реакција на Министерството за надворешни работи на Индија, јавува Anadolu Agency (АА).
Според британската телевизиска мрежа „Би-би-си“, на Amazon.com бил ставен на продажба бришач за чевли со испечатено индиско знаме. Откако оваа вест се прошири на интернет, следуваа многу остри реакции од страна на индиските власти, а министерот за надворешни работи на Индија, Сушма Свараџ побара извинување од Амазон.
Свараџ на својот профил на Твитер напиша дека на вработените во „Амазон“ ќе им биде ускратено добивањето на индиска виза сѐ додека компанијата не се извини и не ги повлече производите што го навредуваат националното индиско знаме. Свараџ исто така се обрати до канадската амбасада во Индија и побара случајот најсериозно да се разгледа и да се реши.
По реакцијата на индискиот министер за надворешни работи, Amazon.com ги повлече своите производи на тема Индија.
Помошникот на генералниот директор на Амазон за Индија, Амит Агарвал, изјави дека многу жали поради навредата што ѝ е нанесена на Индија. Тој нагласи дека спорниот производ не го поставил Amazon.com лично, туку дека тоа го сторило трето лице во Канада.
Навредата на националното знаме во Индија се казнува парично и со казна затвор.
На Amazon.com се продаваат черги со американско, британско, канадско и со други знамиња.