Diyar Güldoğan
13 Јануари 2017•Ажурирај: 14 Јануари 2017
МОСКВА (АА) - Министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, денес изјави дека Русија е подготвена да биде домаќин на преговорите меѓу Израел и Палестина, со цел да помогне во решавањето на конфликтот меѓу двете земји, јавува Anadolu Agency (AA).
„Минатата година, ние бевме подготвени да ги пречекаме лидерите на Израел и на Палестина во Москва. Сѐ уште сме подготвени за тоа, доколку и тие ја потврдат својата подготвеност“, изјави Лавров на состанокот со Генералниот секретар на палестинската ослободителна организација, Саеб Ерекат, во Москва.
Лавров изјави дека преговорите меѓу Израел и Палестина за постигнување примирје требало да бидат воспоставени одамна.
Главниот палестински преговарач ја потврди подготвеноста на палестинскиот претседател, Махмуд Абас, за присуство на преговорите во Москва.
Во врска со претстојната мировна конференција за Блискиот Исток во Париз, на 15 јануари, Лавров изјави дека Русија ќе биде претставувана од нејзиниот амбасадор во Франција.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во неколку наврати изјави дека планираната конференција ќе биде неуспешна во решавањето на конфликот меѓу Палестина-Израел.
Нетанјаху и Абас велат дека тие се отворени кон идејата за билатерални разговори, но продолжуваат со меѓусебните обвинувања за недостатокот на напредок во замрениот мировен процес.