Barry Eitel
13 Јули 2017•Ажурирај: 13 Јули 2017
САН ФРАНЦИСКО (АА) - Стотици технолошки компании, меѓу кои „Facebook“ (Фејсбук), „Google“ (Гугл), „Amazon“ (Амазон) и „Twitter“ (Твитер) учествуваа во „денот за акција“ со цел да ги едуцираат Американците во врска со новите правила за коишто сметаат дека ќе влијаат на неутралноста на интернетот, јавува Anadolu Agency (AA).
Над 200 големи веб-компании објавија соопштенија предупредувајќи ги корисниците за плановите на Федералната комисија за комуникации (FCC) за враќање на правилата чијашто цел е заштита на „неутралноста на интернетот“, идејата дека давателите на интернет-услуги треба да дозволат еднаков пристап до сите веб-содржини.
Правилата беа донесени во 2015 година и ги спречија провајдерите како „AT&T“ и „Comcast“ да фаворизираат или да блокираат одредени веб-сајтови.
Аџит Паи, претседател на FCC (Федералната комисија за комуникации), се заложи за укинување на правилата, поради што опонентите се загрижени дека провајдерите би можеле да им наплаќаат на веб-страниците за подобра интернет-врска.
„Интернет-компаниите, иновативните стартапи и милиони корисници на интернет зависат од овие заштитни мерки коишто го спречуваат блокирањето или проточноста на интернет-сообраќајот, сегментирање на интернетот за плаќање на брза или бавна интернет-врска и други дискриминаторски практики“, напиша компанијата „Google“ во објава на својот блог. „Делумно, благодарение на неутралноста на интернетот, отворениот интернет стана незаменлив извор на избор, конкуренција, иновации, слободно изразување и можности. И тоа така треба да остане“.
„Денот за акција“ беше организиран од неколку групи на активисти, вклучувајќи ја и „Борба за иднината“, од каде што истакнаа дека во протестот учествувале над 100.000 компании, веб-страници и индивидуалци „Денот за акција“ е организиран пет дена пред крајниот рок на FCC за јавни коментари во врска со неутралноста на интернетот.
„Законодавците во Вашингтон треба да разберат дека ако стојат настрана и ѝ дозволуваат на FCC да ги укине овие правила коишто се поддржани од гласачите од целиот политички спектар, ќе се сметаат за непријатели на интернетот и непријатели на слободата на говорот“, истакна преку соопштение Еван Грир, директор на кампањата „Борба за иднината“.
„Google“ не објави ништо во врска со протестот на својата веб-страница, а пак компаниите, вклучувајќи ги и „Netflix“, „Spotify“, „Airbnb“ и „Reddit“ ги ставија банерите за неутралност на интернетот на своите страници.