Ekipa
20 Јуни 2020•Ажурирај: 22 Јуни 2020
ТРИПОЛИ (АА) - Либиската Армија денес соопшти дека од 5 јуни во масовните гробници јужно од Триполи и во градот Тархуна се пронајдени 190 тела, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението Армијата истакнува дека на 5 јуни во болничка мртовечница во градот Тархуна се пронајдени 106 тела, меѓу кои и тела на деца и жени, со знаци на тортура.
„Уште 37 тела се пронајдени во друга болница во градот, од кои идентификувани се 14 тела“, соопшти Војската.
Според соопштението, 15 други тела биле пронајдени во подрачјето на Каср бин Гашир, јужно од Триполи. Војската истакна дека телата биле на лица киднапирани од милицијата на Калифа Хафтар.
„Останки на 14 неидентификувани лица се пронајдени јужно од Триполи на 6 јуни, додека 15 тела беа откриени во бунар и во масовна гробница во близина на Тархуна на 8-10 јуни“, соопшти Армијата.
На 11 јуни, Армијата објави дека се пронајдени уште три тела во масовна гробница во истиот град.
Претходно неделава, либиската Армија соопшти дека чека извештај од ОН за злосторствата и геноцидите извршени во Тархуна од милицијата на водачот на нелегитимните сили од источна Либија, Калифа Хафтар.
Либиската Армија неодамна му нанесе силен удар на Хафтар и ги ослободи градовите Триполи и Тархуна, покрај други стратешки локации, меѓу кои и воздухопловната база „Ал-Ватија“.
Меѓународно признатата Влада е под напади на силите на Хафтар од април 2019 година, во кои загинаа над 1.000 лица.