Ayhan Şimşek
18 Ноември 2021•Ажурирај: 19 Ноември 2021
БЕРЛИН (АА) - Германија денеска пријави најголем дневен број случаи на коронавирусот од над 65.000 новозаразени, а властите предупредија дека многу болници се на границите на својот капацитет, јавува Агенција Анадолија (АА).
Институтот „Роберт Кох“, агенцијата за контрола на болести во земјата, потврди 65.371 нов случај на Ковид-19 во изминатите 24 часа, што е повеќе од 52.826-те случаи пријавени вчера.
Вирусот однесе уште 264 животи, со што бројот на починати во земјата од почетокот на пандемијата порасна на 98.538.
Здравствените власти во јужната покраина Баварија предупредија дека многу болници го достигнале својот полн капацитет со тешко болни пациенти со Ковид-19 и почнале да ги префрлаат новите пациенти во други градови и покраини.
На одделите за интензивна нега низ целата земја вчера лежеле 3.376 тешко болни пациенти со коронавирус, од кои 1.710 се на респиратори.
Германија бележи повторен раст на заразени со коронавирусот бидејќи луѓето поминуваат повеќе време во затворени простории во овие постудени месеци, а голем број луѓе сè уште се невакцинирани против вирусот.
Целосно вакцинирани против Ковид-19 во земјата се 56,3 милиони луѓе, или 67,7 отсто од населението.
Целта на Владата беше да се вакцинира најмалку 75 отсто од населението за да се спречи експоненцијален раст на новозаразени во текот на есенските и зимските месеци.
Централната влада на Германија и премиерите на сојузните покраини треба да одржат видеоконференција во текот на денот со цел да организираат поширока кампања за вакцинација и да воведат построги мерки, особено за невакцинираните лица.