İdris Sülün
17 Ноември 2021•Ажурирај: 18 Ноември 2021
ЊУ ДЕЛХИ
Училиштата и некои електрани на јаглен се затворени во Њу Делхи, главниот град на Индија, поради загадувањето на воздухот кое неодамна достигна опасни нивоа, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во согласност со упатствата дадени од Сојузното министерство за животна средина на Индија, одлучено е да се затворат училиштата и некои термоелектрани кои произведуваат електрична енергија од јаглен, како дел од борбата против загадувањето на воздухот, кое достигна ниво што го загрозува јавното здравје во главниот град Њу Делхи и во околните региони.
Врховниот суд на Индија побара од властите да преземат итни мерки, вклучувајќи ја и практиката на „работа оддома“, особено поради загадувањето на воздухот што го зафати главниот град и неговата околина.
По судската одлука, објавени се насоките кои содржат нови мерки за борба против аерозагадувањето.
Покрај затворањето на училиштата, Комисијата за управување со квалитетот на воздухот наложи да се прекинат градежните активности до 21 ноември, а забранет е и сообраќајот на камионите кои превезуваат стока која не е неопходна.
Од друга страна, како дел од наведените мерки, повикани се сите сојузни држави да препорачаат половината од вработените во приватните компании да работат оддома.
Индексот за квалитетот на воздухот (AQI) во Њу Делхи кој со недели достигнуваше вредност од над 500 единици.
На 13 ноември наставата во образованието во главниот град беше прекината на една недела поради загадениот воздух.
Загадувањето на воздухот е еден од најважните проблеми на Њу Делхи во последните години. Градот се наведува како еден од најзагадените престолнини во светот.
Според студијата изработена во 2019 година, загадувањето на воздухот во Индија е одговорно за смртта на повеќе од 1,2 милиони луѓе во земјата.
Студијата што ја објави Институтот за енергетска политика на Универзитетот во Чикаго (EPIC), откри дека загадувањето на воздухот, кое во Индија достигна опасни нивоа, може до девет години да го скрати животниот век на милиони луѓе.
Загадувањето на воздухот во Њу Делхи своето највисоко ниво го достигнува во периодот од ноември до јануари, поради палењето на стрништа (Ожнеано поле) од страна на земјоделците и поради активностите на погоните и индустријата во градот кои работат на јаглен.