Ayhan Şimşek
31 Јули 2021•Ажурирај: 02 Август 2021
БЕРЛИН (АА) - Од утре сите оние што не се целосно вакцинирани или не го прележале коронавирусот, при влезот во Германија ќе мора да достават негативен резултат од тестот за Ковид-19, објави Владата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Членовите на Кабинетот на канцеларката Ангела Меркел одобрија построги мерки против коронавирусот по брзото зголемување на случаите на Ковид-19 поради позаразната варијанта Делта.
„Сите невакцинирани патници што влегуваат во Германија мора да имаат негативен тест, без разлика дали доаѓаат со авион, автомобил или со воз“, рече министерот за здравство Јенс Спан.
Како што наведе, на овој начин тие би можеле да го намалат ризикот. Спан, исто така, го повтори и повикот за граѓаните да се вакцинираат.
Според новите правила, луѓето што доаѓаат во Германија ќе мора да направат ПЦР-тест што не смее да биде постар од 72 часа.
Патниците кои можат да обезбедат доказ дека се целосно вакцинирани или дека го прележале Ковид-19 во последните шест месеци, ќе бидат ослободени од оваа мерка. Оние што немаат негативен тест или доказ за вакцинација или прележан вирус, ќе мора да бидат ставени во карантин десет дена.
Оваа недела, Германија забележа најголем број заразени со коронавирусот во еден ден во последните два месеца, а експертите предупредија дека високо преносливата варијанта Делта може да предизвика „експоненцијален раст“ на инфекциите во наредните недели.
Новите случаи особено се зголемени кај тинејџерите и помладите возрасни лица, а најмалку 19 отсто од случаите се поврзани со патувања.
Варијантата Делта, за првпат откриена во Индија во октомври минатата година, сочинуваше помалку од два проценти од новозаразените во Германија пред три месеци. Оттогаш, таа брзо се прошири низ целата држава, а нејзиниот удел секоја недела растеше повеќе од двојно, па до крајот на јуни порасна на 60 отсто.