Ekip
27 Јули 2020•Ажурирај: 28 Јули 2020
ЖЕНЕВА (АА) - Генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО) Тедрос Аданом Гебреисус изјави дека Ковид-19 со кој до сега се заразени повеќе од 16 милиони лица во светот веројатно е најлоша глобална здравствена опасност со која се соочила оваа светска организација, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во обраќањето на виртуелниот брифинг за новинари во Женева, Тедрос изјави дека во текот на последните шест недели бројот на случаи на заразување во светот е удвоен.
Тој нагласи дека светот ќе успее да ја победи пандемијата само со строго придржување на здравствените мерки, од држање на физичка дистанца, редовно миење на раце, носење заштитни маски, па до избегнување на масовни собири и гужви.
„Тамо каде се почитуваат тие мерки, бројот на случаи се намалува, а тамо каде не се почитуваат, случаите на заразување растат“, изјави Тедрос, напоменувајќи дека моменталните податоци покажуваат дека пандемијата и понатаму се забрзува.
„Ковид-19 го промени нашиот свет. Ги обедини луѓето, заедниците и земјите, но и ги раздвои. Тој покажа на што се подготвени луѓето, во позитивна и негативна смисла“, изјави шефот на СЗО.
Гебреисус нагласи дека сите луѓето треба да дадат свој придонес за здравјето на цела заедница и целиот свет.
„Здравјето е темел на социјална, економска и политичка стабилност. Не смееме да биде заробеници на пандемијата. Секој од нас може да направи разлика. Иднината е во наши раце“, додаде тој.
Тој наведе некои фактори кои досега се покажале ефикасни во сузбивањето на вирусот во некои земји, вклучувајќи политичко лидерство, образование, зголемено тестирање, одржување на хигиена и мерки на физичка дистанца.
Докторот Мајк Рајан, извршниот директор на програмата за вонредни ситуации на СЗО, истакна дека почитувањето на мерките како физичка дистанца во земјите во светот во овој момент е поважно од дефинирање на вториот бран на вирусот и други помалку битни прашања.
„Јасно е дека притисокот на вирусот ја потиснува бројката надолу. Кога ќе се намали тој притисок, случаите повторно почнуваат да растат“, изјави Рајан, додавајќи дека е потполно свесен дека е просто невозможно земјите во светот постојано да ги држат своите граници затворени.