Erbil Başay
27 Јули 2020•Ажурирај: 28 Јули 2020
БЕРЛИН
Германскиот министер за надворешни работи Хеико Мас изјави дека е против враќањето на Русија во групата Г7, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Мас за германските весници „Rheinische Post“ и „General Anzeiger“ зборуваше за можноста за враќање на Русија во групата Г7 која потоа повторно би станала група на земји Г8.
Тој потсети дека сѐ уште не се постигнати решенија за прашањето за Крим и проблемите на источниот дел на Украина.
„Причината за отстранување на Русија од Г8 е анектирање на Крим и интервенција на таа земја во источниот дел на Украина. Не гледам можност за враќање на Русија во оваа група на земји, освен ако не се пронајде некое решение за споменатите проблеми“, изјави Мас.
На прашањето дали американскиот претседател Доналд Трамп планира да ја прошири оваа група на земји и да ја повика и Русија на овогодишниот самит, Мас изјави дека Москва сама може да даде најголем придонес на повторното отворање на вратите на оваа група на земји и за таа држава.
Сепак, тој изјави дека е потребно да се соработува со Русија за да се пронајде решение за судирите и проблемите во Сирија, Либија и Украина.
Групата Г7 (светски економски врв) е назив за советодавниот форум на седум најзначајни индустриски земји на светот.
Се состои од претседателите на владите на САД, Канада, Јапонија, Германија, Италија, Франција и Велика Британија. На конференциите дискутираат за глобалните проблеми на светската економија, како што се меѓународни долгови, енергетика, заштита на околината, меѓународна трговија со оружје и дрога.
Ова е пример на групата земји кои не сочинуваат некоја официјална организација, немаат заеднички тела или седиште.
Претседателите или министрите на тие земји повремено се состануваат за да го ускладат дејствувањето на своите влади на полето економија и меѓународна политика.
Оваа група од 1998 година ја сочинуваа осум држави и дејствуваше под називот Г8, но во 2014 година Русија беше исфрлена од групата поради анектирањето на Крим и тогаш групата го доби името Г7.