Ahmet Gençtürk
28 Март 2021•Ажурирај: 29 Март 2021
ПАРИЗ (АА) - Во Франција во последните 24 часа регистрирани се 42.619 нови случаи со коронавирусот, објавија здравствените власти, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во болниците во изминатото деноноќие од вирусот починаа 194 лица, со што бројот на смртни случаи од почетокот на епидемијата достигна 94.492.
Бројот на луѓе што се заразиле со Ковид-19 се зголеми на повеќе од 4,5 милиони.
Вкупно 27.250 лица се лекуваат во болниците, од кои 4.791 се на интензивна нега.
Според податоците на Министерството за здравство, бројот на луѓе што се вакцинирани од 27 декември досега надминува 7,73 милиони, вклучувајќи над 2,67 милиони што ја примија и втората доза од вакцината против Ковид-19.
На 16 март, на првата годишнина од првото „затворање“ и карантин во земјата, францускиот премиер Жан Кастекс рече: „Пандемијата игра прекувремено. Ние сме во одредена форма на трет бран… кој се карактеризира со варијанти.“
Два дена подоцна, Кастекс ја прими првата доза од вакцината на АстраЗенека бидејќи нејзината употреба беше продолжена на национално ниво по осумдневната суспензија поради загриженоста од нејзината безбедност.
Скоро една недела подоцна, на 25 март, земјата забрани собирање на отворено на повеќе од шест лица за да се запре ширењето на вирусот.
„Трендот на раст се забрзува речиси секаде“, изјави министерот за здравство Оливие Веран, кој најави рестриктивни мерки во департманите Об, Ниевр и Рона, со што бројот на административни региони со половични органичувања порасна на 19.
Бројката од 45.000 случаи на Ковид-19 на ден последен пат е регистрирана во октомври, кога Франција ја воведе втората блокада. Веран, сепак, ја одби можноста за трето „заклучување“.
Ситуацијата и понатаму е најзагрижувачка во северните делови на парискиот регион Ил-де-Франс, Горна Франција и Прованса на југот, каде што има зголемен прием на пациенти во болниците.
Приемите во одделите за интензивна нега вклучуваат помлади пациенти, од кои многу се заразени со варијантите на коронавирусот што брзо се шират.