Ekipa
28 Март 2020•Ажурирај: 28 Март 2020
ОВИЕДО (АА) - Со 832 смртни случаи во изминатите 24 часа, бројот на починати од коронавирусот во Шпанија се зголеми на 5.690, покажуваат податоците објавени од шпанското Министерство за здравство, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Министерството, исто така, објави пораст на потврдените случаи со коронавирус за 12 отсто во однос на вчера, со што бројот на вкупно потврдените случаи изнесува 72.284.
Според податоците, 40.630 лица во Шпанија се хоспитализирани поради вирусот, а 4.575 се наоѓаат на интензивна нега. Над 12.000 луѓе се излечени.
Шпанија е втора земја во светот според бројот на смртни случаи предизвикани од коронавирусот.
Еден од најголемите проблеми на земјата е недостигот на заштитна опрема за медицинскиот персонал.
Вчера Владата соопшти дека 9.444 здравствени работници се заразени со вирусот, кои сочинуваат над 14 отсто од вкупно потврдените случаи тој ден - најголем процент во светот.
Денес, шпанското Министерство за здравство соопшти дека добило пратка од 1,2 милиони маски.
Шпанија е во изолација од 14 март, а вонредната состојба е продолжена до 12 април.
Откако првпат се појави во кинескиот град Вухан минатиот декември, новиот тип коронавирус се рашири во над 177 земји и територии, покажуваат податоците на американскиот Универзитет „Џонс Хопкинс“.
Во светот од појавата на вирусот досега се заразени над 614.000 лица, бројот на починати достигна над 28.300, а над 142.000 пациенти се излекувани.