Emel Gözellik
13 Јуни 2020•Ажурирај: 14 Јуни 2020
АНКАРА/ПЕКИНГ (АА) – Во Кина, во изминатите 24 часа откриени се 11 нови случаи на новиот вид коронавирус, Ковид-19, додека во Јужна Кореја дијагностицирани се 48 нови случаи, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Кинеската Национална комисија за здравство соопшти дека во земјата во последните 24 часа се регистрирани 11 нови случаи на вирусот. Смртни случаи не се евидентирани.
Во соопштението се нагласува дека вкупниот број на потврдени случаи во земјата е зголемен на 83.075.
Според информацијата на новинската агенција „Синхуа“ претходниот ден најголемиот пазар на големо во Пекинг е затворен поради откривање на Ковид-19 кај тројца вработени на пазарот. Пазарот ќе биде дезинфициран и ќе им биде направен тест за Ковид-19 на сите вработени.
Во Кина, каде што училиштата почнаа постепено со наставата, а економијата во голема мера почна да заживува, досега од Ковид-19 се излекуваа вкупно 78.367 лица, а починаа 4.634. Во земјата во моментот има 74 активни случаи со Ковид-19.
-Во Јужна Кореја вкупниот број на заразени со Ковид-19 изнесува 12.051 -
Од Центарот за контрола и превенција на болести на Јужна Кореја соопштија дека во последните 24 часа се идентификувани 48 нови случаи на Ковид-19, најголем дел во Сеул.
Од Центарот е истакнато дека бројот на заразени со Ковид-19 во земјата е зголемен на 12.051, а од коронавирусот досега починаа 277 лица. Во последните 24 часа во земјата не беше евидентиран смртен случај од Ковид-19.
Во Јужна Кореја вирусот Ковид-19 го победија 10.691 лица, додека во моментот има 1.083 активни случаи.