Emel Gözellik
01 Декември 2020•Ажурирај: 01 Декември 2020
АНКАРА (АА) - Во Индија, која е една од земјите во светот најмногу погодени од пандемијата на Ковид-19, нема значајни измени во бројката на новозаразени и на смртни случаи предизвикани од новиот тип коронавирус. Во Кина коронавирусот е под контрола, додека во Јужна Кореја последните денови бројката на лица кај кои е детектиран коронавирусот се движи од 400 до 500 на дневно ниво, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Министерството за здравство на Индија објави дека во последните 24 часа од последиците на коронавирусот починале уште 482 лица, зголемувајќи го вкупниот број смртни случаи на 137.621.
Во Индија, земја со над 1,3 милијарди жители, последното деноноќие детектирани се 31.563 новозаразени, вкупно 9.463.254 од почетокот на пандемијата, а оздравеа 8.889.585 заразени.
Според интернет-страницата „Worldometer“, Индија е втора земја во светот според вкупниот број на заразени, а трета според бројот на смртни случаи предизвикани од коронавирусот.
- Јужна Кореја -
Центарот за контрола и превенција на болести на Јужна Кореја објави дека во последните 24 часа во земјата се детектирани 451 случај нa Ковид-19.
Вкупниот број на заразени во земјата се зголеми на 34.652, а оздравеа 27.885 лица претходно заразени со коронавирусот.
Во Јужна Кореја во последните 24 часа нема починати, а вкупниот број смртни случаи во земјата е 526.
За последен пат бројката на новозаразени во Јужна Кореја го надмина нивото од 500 на 6 март.
- Кина -
Комисијата за национално здравје на Кина соопшти дека во последните 24 часа во континентална Кина детектирани се 12 нови случаи на Ковид-19, од кои 8 потекнуваат од странство.
Во Кина, со популација од над 1,4 милијарди жители, во последните 24 часа нема починати од последиците предизвикани од коронавирусот, а вкупниот број на заразени со вирусот во земјата изнесува 86.542.
Од појавата на Ковид-19 досега, во Кина починаа 4.634 заразени, а оздравеа 81.631 пациент заразени со коронавирусот.