Adham Kako
26 Март 2020•Ажурирај: 27 Март 2020
АНКАРА
Претседателот на Националната коалиција на сириските опозициски и револуционерни сили (SMDK), Анас ал Абде, го повика Меѓународниот одбор на Црвениот крст да спроведе истрага за ситуацијата во затворите на режимот на Башар ал Асад во контекст на глобалното ширење на коронавирусот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ал Абде упати писмо до челникот на Меѓународниот црвен крст, Петер Маурер, во кој го предупреди дека десетици илјади затвореници во затворите на режимот на Асад се изложени на голема опасност во случај на појава на коронавирусот.
Тој од Црвениот крст бара да ги искористи сите ресурси за да се оствари увид во здравствената состојба на заробениците во Сирија и да спроведе истрага за ширењето на коронавирусот во Сирија.
„Епидемијата може да се прошири во тие затвори. Режимот тоа може да го искористи во своја корист и така да се ослободи од заробениците“, тврди Ал Абде.
И од Меѓународниот одбор на Црвениот крст предупредија на заканата која епидемијата ја претставува во затворите кои немаат адекватна вентилација, инфраструктура и здравствени и хигиенски стандарди.
Прорежимската Сириска новинска агенција (САНА) соопшти дека во Сирија досега се потврдени 5 случаи на зараза со коронавирус. Со оглед на војната и кризата во која се наоѓа Сирија, јавноста стравува дека бројот на заразените во таа земја е значително поголем.
Вирусот што за првпат се појави во Вухан, Кина, во декември минатата година, се прошири во најмалку 190 земји и региони низ светот, додека бројот на детектирани случаи на заразени со новиот тип коронавирус изнесува 471.000. Од последиците предизвикани од овој вирус починаа над 21.000 лица.