Erbil Başay
04 Март 2021•Ажурирај: 05 Март 2021
БЕРЛИН (АА) - Во Германија мерките за спречување на ширењето на коронавирусот се продолжени до 28 март. Мерките, според претходната одлука, требаше да бидат на сила до 7 март, јавува Агенција Анадолија (АА).
На состанокот кој германската канцеларка Ангела Меркел го одржа преку видео-конференција со покраинските премиери, разговарано е за моменталната епидемиолошка ситуација и ублажувањето на постоечките мерки.
Доколку не биде донесена друга одлука, постоечките мерки ќе важат до 28 март.
Истакнато е дека во рамките на првиот чекор на нормализацијата во текот на изминатите недели се отворени училиштата, градинките и берберниците.
Во вториот чекор на нормализацијата, кој започнува од 8 март, на едно место ќе можат да се соберат најмногу две домаќинства, но бројот на луѓе ќе биде ограничен на пет. Децата помлади од 14 години нема да бидат вклучени и ограничени.
Цвеќарниците, книжарниците, продавниците за опрема за градини, курсевите за возење и салоните за масажа и убавина ќе можат да ги отворат вратите за клиентите на 8 март доколку ги исполнуваат условите како што се носење маски, одржување на дистанца и хигиенските правила.
Како трет чекор на нормализацијата, во регионите во кој бројот на новите случаи на 100.000 во последните седум дена е помал од 50, почнувајќи од 8 март, малопродажните продавници ќе можат да примат одреден број на купувачи, музеите, зоолошките градини и галериите ќе бидат отворени, со максимално десет луѓе на отворено.
Најрано од 5 април, доколку епидемиолошката ситуација биде поволна, ќе може да се организираат активности на отворено со најмногу 50 луѓе, а контактните спортски активности ќе може да се одвиваат во сала.
За да се забрза кампањата на вакцинација ќе се издаде уредба со која ќе им се дозволи на лекарите да вакцинираат во лекарските ординации кон крајот на март или почетокот на април.
На прес-конференцијата одржана по деветчасовниот состанок, Меркел изјави дека на прагот е нова фаза на епидемијата на Ковид-19.
„Сега задача на политиката е паметно да ги презеде следните чекори. Треба да преземе чекори кон нормализација, а истовремено, тоа не би требало да бидат чекори кои нè враќаат назад“, истакна Меркел.
Повикувајќи ја јавноста да се придржува до сите мерки, Меркел предупреди на опасноста од третиот бран на епидемијата и изјави дека таква опасност во Германија постои.