Firdevs Bulut
29 Февруари 2020•Ажурирај: 01 Март 2020
ТЕХЕРАН (АА) - Бројот на починати од коронавирусот во Иран се искачи на 43, а заразени се 593 лица, соопшти денес иранското Министерство за здравство, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Портпаролот на Министерството истакна дека во текот на изминатите 24 часа пријавени се девет нови смртни случаи и 205 нови случаи на заразени.
„Најголем дел од новите случаи со коронавирус се детектирани во Техеран, Голестан, Ком, Маркази, Мазандаран и Гилан“, изјави Кијануш Џаханпур на прес-конференцијата.
Тој рече дека во земјата има многу повеќе случаи за кои постои сомнение дека се заразени со Ковид-19, додавајќи дека меѓу 10 и 15 отсто од лицата што се наоѓаат во карантин биле позитивни на вирусот при тестирањето.
Нагласи дека и 100 пратеници, исто така, биле подложени на тестовите, а само кај петмина од нив е откриен вирусот.
Џаханпур додаде дека 123 пациенти со коронавирус се успешно излекувани и отпуштени од болниците низ Иран.
Одговарајќи во врска со тврдењата за повисоките бројки што ги објавуваат странските медиуми, рече дека Министерството споделува со јавноста само потврдени и веродостојни бројки.
Иран е една од над 50-те земји во светот во коишто вкупно има речиси 84.000 потврдени случаи на коронавирус.
Бројот на починати на светско ниво се ближи кон 2.900, а Кина, од каде што потекнува епидемијата, е најтешко погодена, со над 79.000 случаи на вирусот и над 2.800 смртни случаи.
По експанзијата на епидемијата со новиот тип коронавирус Ковид-19, Светската здравствена организација (СЗО) прогласи состојба на глобална опасност.