Hasan Esen
27 Април 2020•Ажурирај: 27 Април 2020
ЛОНДОН (АА) - Премиерот на Велика Британија, Борис Џонсон, се врати на својата функција, по 22-дневното лекување од новиот вид коронавирус, Ковид-19, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Џонсон вчера се врати во Кабинетот, а денеска преку видеоконференција ќе ја води седницата на Владата. Се очекува Џонсон да присуствува и на дневната прес-конференција.
Во меѓувреме, според информацијата на весникот „Телеграф“, се очекува Џонсон во текот на оваа недела да го објави планот за намалување на ограничувањата.
Помошникот на Џонсон, чие име не се наведува, говорејќи за весникот рече дека премиерот ќе ги намали ограничувањата.
Забележувајќи дека 7 мај е денот кога Владата треба законски да ги преиспита мерките за карантин, помошникот на Џонсон рече: „Но ако Борис сака да ги промени ограничувањата пред тој датум, може да го направи тоа. „Ставање крај на карантинот“ е погрешен израз, „регулирање на мерките за карантин“ е поточен израз.“
- Мерки на претпазливост -
Во рамките на мерките во Велика Британија кои беа донесени на 23 март, беше ограничено движењето, беа затворени сите трговски објекти, освен маркетите и аптеките.
На 16 април, делумните мерки за карантин беа продолжени за уште три недели.
- Закрепнувањето на премиерот траеше еден месец -
Тестот на премиерот Џонсон за Ковид-19 на 27 март беше позитивен. Џонсон, кој не можеше да оздрави по 10 дена, беше пренесен во болница вечерта на 5 април, а следниот ден беше префрлен на интензивна нега.
Беше соопштено дека премиерот Џонсон не е поврзан на респиратор. На 9 април излезе од интензивна нега. На 12 април беше отпуштен од болница.
По отпуштањето од болница беше наведено дека Џонсон ќе одмора некое време пред да се врати на работа.