Emel Öz Gözellik
27 Ноември 2019•Ажурирај: 27 Ноември 2019
АНКАРА
Безживотните тела на 16 од 39 Виетнамци, што беа пронајдени во камион во Есекс, Велика Британија, пренесени се во Ханој, главниот град на Виетнам, пренесува Агенција Анадолија (AA).
Според веста на веб-страницата „VNExpress“, 16 од безживотните тела пронајдени во ладилникот на камионот во Есекс, Велика Британија, со авион се пренесени на аеродромот „Нои Баи“ во Ханој.
Безживотните тела потоа со амбулантни возила биле однесени во градовите Нге Ан, Ха Тин и Кванг Бин.
Властите истакнаа дека и преостанатите безживотни тела подоцна ќе бидат донесени во Виетнам.
- 39 луѓе беа пронајдени мртви во Есекс
Британската полиција, утрото на 23 октомври, по претходна дојава стигна во индустриската зона и во ладилникот на камион пронајде 39 безживотни тела.
Белгиските власти известија дека камионот пристигнал во пристаништето „Зебруге“ во Белгија на 22 октомври во 14:49 часот по локално време и истиот ден со брод заминал за Англија.
Во првичните изјави за инцидентот беше соопштено дека од вкупно 39 безживотни тела, 8 биле на жени и дека се работи за кинески граѓани. Но, во рамките на изјавите на семејствата се истакна дека е можно мнозинството од жртвите да се Виетнамци.
Возачот на камионот, Морис Робинсон, беше уапсен на 28 октомври под обвинение за убиство на 39 лица и криумчарење мигранти.
Во Даблин е уапсен и 22-годишниот Емон Харисон, кој се товари за убиство на 39 лица, криумчарење луѓе, кршење на Законот за миграции и перење пари.