Ahmet Gürhan Kartal
27 Март 2020•Ажурирај: 28 Март 2020
АНКАРА
Британскиот премиер, Борис Џонсон, денес објави дека се тестирал и дека е позитивен на новиот тип коронавирус, Ковид-19, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Во текот на последните 24 часа добив некои поблаги симптоми и се тестирав“, напиша Џонсон на Твитер.
„Во самоизолација сум, но ќе продолжам да го водам одговорот на Владата преку видеоконференција, додека се бориме против овој вирус. Заедно ќе го победиме ова“, вети тој.
Портпаролот на премиерот изјави дека секретарот за надворешни работи, Доминик Раб, ќе биде назначен за наследник, доколку премиерот се разболе од коронавирус или се случи нешто друго за да не може да ја извршува функцијата.
Портпаролот исто така рече: „Премиерот има моќ да ја додели одговорноста на некој од неговите министри, но, засега, тоа е премиерот, а потоа и секретарот за надворешни работи.“
Сè уште не се знае дали Џонсон ќе ја предаде моќта, бидејќи неговите симптоми се поблаги и тој изјави дека ќе продолжи да ја води Владата од дома преку видеоконференција.
„Во согласност со препораките, премиерот се самоизолира во Даунинг стрит“, се вели во соопштението на Владата.
Во Велика Британија од последиците на заразата со коронавирусот починаа најмалку 578 лица, од кои повеќе од стотици починаа во изминатите 24 часа. Во Велика Британија со коронавирусот се заразени 9.529 лица.
Во Лондон се заразени 3.919 лица, што е речиси 40 отсто од вкупниот број на заразени Британци. Според податоците од изутрина, во Лондон починаа 184 заболени.